Македонија

Спасов во работна посета на Унгарија

Спасов во работна посета на Унгарија

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов престојува во работна посета на Унгарија при што оствари средба со министерот за човечки ресурси на Унгарија Золтан Балог.

За време на средбата на двајцата министри потпишан e Договорот за социјално осигурување и социјална сигурност со кој што ќе се регулираат односите во областа на социјалното осигурување меѓу Република Македонија и Унгарија и остварувањето на правата од осигурување за граѓаните на овие две држави и членовите на нивните семејства.
Овој Договор спаѓа во редот на таканаречените “отворени договори”, односно современи европски договори со оглед на тоа што истиот се однесува на лица, а не на државјани на двете договорни страни. Договорот содржи одредби за права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест, избегнување на двојно плаќање на социјалните придонеси и др.

Преку примената на Договорот за социјално осигурување и социјална сигурност ќе се овозможи усогласување на националните законодавства, еднаков третман на лицата на кои се применува договорот, здравствена заштита, давања во случај на болест, парични давања за привремена спреченост од работа и мајчинство,, упатување на лекување во другата држава договорничка, собирање на периодите на осигурување за исполнување на условите за право на парични давања (пензии и надоместоци) , одредби за давања во натура и др.

За разлика од Конвенцијата за уредување на прашањата од социјалното осигурување склучена во 1957 година преземена со Уставниот закон на Република Македонија, со која пресметувањето на пензијата се уредува само како „сразмерен дел“, без оглед дали лицето исполнува услови за самостојна пензија, новиот договор овозможува право на остварување самостојна пензија или сразмерен дел на пензија, во зависност од условите коишто ги исполнува лицето. Досега, тоа не беше случај и без оглед дали лицето ги исполнува условите за пензија во едната држава договорничка, му се намалуваше износот на пензијата.

Со текстот на Договорот се уредени одредби со кои се обезбедуваат работодавачите и работниците кои подлежат на законодавството на Република Македонија или Унгарија да не се должни да плаќаат двојно осигурување според законодавството на двете држави по однос на истата работа што ја врши работникот.

Како самостојна држава Република Македонија има склучено Договори за социјално осигурување со 19 држави и тоа: Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Белгија, Холандија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Австралија, Канада, Република Италија, а Унгарија е 20-та држава со која се склучува Договор за социјално осигурување.