Спасов: Во тек е повик за бесплатен зимски одмор за 1.000 дечиња од социјални семејства

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска информираше за проектот „Користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација на 3.000 деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток“.

„Водени од верувањето дека секое дете треба да има можност да ужива во благодетите на летниот или на зимскиот одмор Владата преку Министерството за труд и социјална политика веќе две учебни години наназад го реализира проектот ‘Користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација на 3.000 деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток’. Целта на проектот е социјално интегрирање на овие деца за време на летниот и зимскиот распуст, за што Министерството за труд и социјална политика целосно ја презеде обврската за покривање преку буџетските средства“ рече Спасов.

Тој информирамираше дека е во тек повик за користење на бесплатната услуга за одмор и рекреација на 1.000 деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, децата со пречки во развојот, децата без родители и родителска грижа за време на зимскиот распуст 2014 година и  ги повикувика  сите заинтересирани корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и посебен додаток да аплицираат за користење на бесплатната услуга за одмор и рекреација за своите деца.

„Oваа услуга може да ја користат деца од семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош и деца корисници на посебен додаток , односно децата – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година.

Услугата може да се користи во текот на зимскиот распуст во 2014 година, во траење од шест дена.

„Услугата на бесплатен одмор и рекреација за деца опфаќа пет полни пансиони (ноќевање, со три оброка дневно) и едукативни, забавни и спортски активности. Превозот на децата ќе биде  бесплатно организиран, а децата со пречки во развојот имаат право на придружник“, рече Спасов.

За користење на бесплатната услуга за одмор и рекреација потребно е да се поднесе барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење. Барањата ќе можат да се поднесуваат во просториите на надлежните Центри за социјална работа до 3 јануари 2014 година, односно до пополнување на предвидениот број на корисници. Лицата коишто ќе ја користат услугата ќе бидат информирани од страна на надлежниот Центар за социјална работа.

Првата група на  деца ќе замине на 4 јануари 2014, а проектот ќе се реализира до 19 јануари 2014. Децата ќе се рекреираат во туристичкиот комплекс на Пелистер.

 

За реализација на овој проект  се обезбедени средства во износ од 11 637 000 денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.