Спасов за „Курир“: Се стави крај на деструкциите на СДСМ во МТСП

Долгогодишен период полн со проекти, мерки и реформи беше прекинат со доаѓањето на Фросина Ременски од СДСМ на местото технички министер за труд и социјална политика. Нејзиниот мандат ќе се запомни како празен од спроведени проекти, а полн со скандали, пишува „Курир“. 

-Периодот на владеење на техничките министри од редовите на СДСМ  во Владата на Република Македонија изминатите месеци е период во кој граѓаните можат да се потсетат за начинот на функционирање на функционерите на СДСМ, за нивните методи на работа и за нивното деструктивно работење. Шест месеци се доволен период да се забрзаат, да се реализираат многу проекти, да се помогне на голем број на граѓани, да се отворат голем број на градинки, да се отворат голем број други објекти, да се започнат одредени постапки и проекти или да се завршат постоечките. За жал, во изминатите 6 месеци НЕ бевме сведоци на отворање на градинки, на реализација на мерки преку министерството. Бевме сведоци само на афери, заткулисни игри, местенки, деструктивни активности и немање никаков интерес и слух за реалните потреби на граѓаните. Овој период беше доволно долг за и оние помладите генерации да видат каков е начинот на функционирање на раководството на СДСМ. Голем број на заостанати проекти, мене ми е навистина жал, се одрази значително на работата на министерството  и се создаде целосен хаос во функционирањето и на министерството и на институциите под МТСП. Тој период е завршен. Нас не’ чека многу работа и ние сме целосно посветени  на реализација на проектите кои се дел од програмата на Владата на Република Македонија. Нашата цел е да направиме и повеќе од тоа што сме го ветиле на граѓаните. Голем број на граѓани од повеќе општини ги чекаа проектите кои беа завршени, а од необјасниви причини не беа пуштени во употреба. Голем број на социјално-загрозени категории на граѓани ги чекаат мерките за вработување кои ги реализира министерството. Имаме многу работа и понатаму продолжуваме со реализација на проекти со цел да го подобриме животот на граѓаните на Република Македонија, вели Спасов.

СДСМ водеше политичка битка и инает токму во министерството каде е потребна голема посветеност во работата за да им се помогне на децата, старите лица и социјално загрозените. По враќањето на Диме Спасов на функцијата министер, работите почнаа да се враќаат по стариот замислен тек. За само неколку дена се спроведоа огромен број на проекти.

-Изминативе 15-тина дена имавме многу работа и понатаму не чека уште работа. Ја отворивме градинката во Јагуновце која беше готова од декември месец минатата година и со душа ја чекаа сите родители  на дечиња од предучилишна возраст. Во моментов таму има нова градинка која што е во употреба и е позитивно пречекана од сите жители. Ја отворивме новата градинка и во општина Илинден. Започнавме со изградба на градинка во општина Новаци. Ги откочивме постапките за доделување на социјални станови за стотици семејства од социјално ранливи категории во повеќе градови меѓу кои и Прилеп каде имаше неколкудневни протести од страна на семејствата кои со месеци од необјасниви причини чекаа за да се даде насока во министерството да се завршат процедурите околу потпишување на записници и сите технички работи со цел овие граѓани да ги добијат становите. Тоа сега се заврши само во еден ден. Се откочија и постапките за доделување на одобренија за основање на три приватни домови за стари лица, една приватна градинка, еден приватен центар за ран детски развој. Доделивме на Националниот сојуз за слепи лица 150 нови аудио книги кои се на барање на слепите лица во Република Македонија. Исто така го распишавме и јавниот повик на единствениот проект за вработување кој е во директна надлежност на МТСП, тоа е субвенционираното вработување на лица во социјален ризик. Сите останати мерки се реализираат преку АВРМ, а оваа мерка се финансира и реализира преку МТСП. Иако имавме обезбедено од Буџет средства и во планот за работа беше предвидено објавување на оглас за субвенционирано вработување на 100 лица во социјален ризик, приматели на социјална помош, жртви на семејно насилство, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, материјално необезбедени лица и други, не беше објавен минативе 6 месеци јавен повик со цел да се реализира оваа мерка, па и тоа сега е откочено. Понатаму продолжуваме со низа други активности. Само од овие неколку работи што ги набројав, закочени активности минативе 6 месеци, на пример од трите домови за стари лица зависеа околу 50 вработувања. Повеќе стотици илјади евра инвестиции на инвеститорите во овие домови. Повеќе од 200 родители чекаат  да си ги сместат своите дечиња во градинките кои беа кочени со месеци, а ние ги отворивме за само неколку дена. Или пак од огласот за вработување на лица со социјален ризик, тоа се 100 вработувања, 100 семејства на кои што преку нашите мерки, преку буџетот кој го имаме обезбедено  можевме и многу порано да им помогнеме на  овие наши сограѓани, но тоа за жал не беше направено. Ова се факти и докази и аргументи за начинот на функционирање во минатотот, но и факти и докази за начинот на нашето функционирање. Пред се ние сме на овие работни позиции со цел да реализираме проекти за да го подобриме животот на граѓаните на Република Македонија. Тоа е во наш интерес и во интерес на целата држава. Затоа го имаме буџетот, затоа раководиме со институциите со цел да им помагаме на оние на кои им е потребна помош особено во МТСП каде грижата е насочена токму за најранливите категории на граѓани, за најмладите и за највозрасните категории, вели Спасов.

spasov-intervju-kurir2

Додека Фросина Ременски од СДСМ беше на чело на МТСП, кај граѓаните постоеше доза на неизвесност следејќи ја нејзината незаинтересираност, самоволие и инает. Низата проекти реализирани изминативе денови ја вратија довербата на граѓаните во МТСП. Сега тие се спокојни, свесни дека нивните потреби ќе бидат исполнети, ветувањата ќе бидат реализирани, а проектите спроведени.

Спасов уверува дека работата во интерес на граѓаните на Република Македонија продолжува, со силна посветеност како во минатите години и со големи заложби за иднина.

-Ние се предводиме пред се од програмата за работа на Владата. од проектите кои се ветени пред граѓаните и од проектите кои се потреба за граѓаните од голем број на општини. Граѓаните токму заради тоа ни ја имаат дадено довербата на изборите  и наша обврска и должност ни е тоа да го правиме. И не само тоа, доколку видиме дека некаде може да се реализира и повеќе, да реализираме и повеќе. Доколку можеме да му помогнеме на некој да му помогнеме, доколку може да реализираме проект плус, градинка плус или мерка за вработување плус, да го направиме тоа во наредниот временски период. Податоците кои ги споредуваме за разлика од минатото се позитивни. Во Македонија продолжува невработеноста значително да се намалува, сега е на најниско историско ниво од 24,6 проценти. Тоа е сериозно намалување на невработеноста во нашата земја и тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина. Исто така, зголемување на бројот на детските градинки, поголемите пензии за пензионерите, поголема социјална парична помош за најранливите категории на граѓани и сите останати мерки кои што го подобруваат животот на граѓаните мора да продолжат да се реализираат и во иднина, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во интервјуто за КУРИР.