Спасов: За вработување на лица до 29 години, работодавците нема да плаќаат социјално 12 месеци

Вработувањето на младите е приоритет и голем дел од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ е посветен токму на овој сегмент, посочи министерот за труд  и социјална политика, Диме Спасов.

Според најавениот проект, кој оваа партија планира да го реализира во новиот мандат , доколку ја добие довербата од граѓаните, се предвидува ослободување на придонеси за социјално осигурување, доколку работодавците вработат лица до 29 години.

Оваа мерка која би требало побрзо да ги вклучи младите на пазарот на трудот, ќе се применува 12 месеци од стартот на вработувањето, а работодавцте ќе имаат обврска да ги задржат вработените уште најмалку 12 месеци.

„Во програмата предвидуваме посебен оперативен план за активни мерки специјално наменет за вработување на млади со кој годишно ќе се вработат над 3000 млади лица. Овој проект има вредност од 150 милиони денари. Тука се предвидува и прогрма за вработување „Прва шанса“ при што државата ќе го субвенционира  вработувањето по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работодавачите да го задржат на работа или на негово место да вработат друго невработено лице. Со оваа Програма ќе се субвенционираат над 1.000 лица во времетраење од 3 месеци во износ од 13.000 денари бруто плата, посочи Спасов.

Владата преку програмата „Практикантство на млади лица“, ќе исплаќа по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување, во случај на несреќа при работа и професионално заболување во период од три месеци, а предвидено е да се субвенционираат 2.000 невработени лица.

„Исто така со програма за самовработување со кредитирање на млади лица на сите млади лица до 29 години кои сакаат да се самовработат ќе им се обезбеди можност за подигање на кредит во износ од 7.000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци, истакна Спасов.

Со Програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании на млади лица до 29 годишна возраст за  работодавците ќе се обезбеди и кредит во износ од 4.000 евра за секое нововработено младо лице.