Спасовски го правда именувањето на „командант Хоџа“ за советник за безбедност на премиерот

Ако погледнеме подлабоко, многу контроверзни имиња ја водат Република Македонија и учествуваат во општествено-политичкиот живот од 2002 година до денес, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во врска со ангажирањето на Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, за советник на премиерот.

„Прашањето е само што е тука контроверзно. Ако имавме состојба на воен конфликт којшто беше пред сè предизвикан од тоа што можеби немавме доволно сенс за интеграција на секој еден човек во општеството, тогаш навистина треба да бидеме прагматични во носење на одлуките и мислам дека во вакви услови пргматичноста е многу важна за подобрување на сите апсекти на општественото живеење во Македонија“, рече Спасовски.

Додаде дека Владата, а не Министертвото за внатрешни работи ќе одлучува до кои документи ќе има пристап советникот Шаќири, по предупредувањата во јавноста дека позицијата на „командант Хоџа“ ќе му овозможи пристап до чувствителни класифицирани информации.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот на истата тема рече дека „доколку се појават екстремистички групи, Шаќири може да помогне бидејќи добро го знае реонот околу Танушевци“.

Шаќири, по кого беше распишана и меѓународна потерница и е на „црната листа“ на САД, е ангажиран во кабинетот на премеирот Заев како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борбата против радикализмот. Во конфликтот од 2001 година во кој загинаа 75 припаднции на македонските безбедносни сили, беше еден од командантите на ОНА.