Спасовски: Нема навестувања за нов бран бегалци

Безбедносните информации и анализи моментално укажуват дека не постојат закани од нов мигрантски бран на т.н. „балканска рута“, но  доколку мигрантската криза добие на интензитет Македонија е подготвена во секој момент соодветно да реагира, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој денеска во Охрид учествува на Генералното собрание на шефовите на полициите од државите на ЈИЕ.

Имајќи ги предвид актуелните случувања на Блискиот Исток и односите меѓу ЕУ и Турција, Спасовски потсети дека македонската полиција јужната граница ја контролира засилена со полициски сили на повеќе држави од регионот и од ЕУ.

Во завршна фаза сме со склучување договор со „Фронтекс“ што исто така ќе помогне во заштита на границата, така што Македонија е подготвена за каков било развој на настаните. Засега нема најави, информации кои би требало да загрижуваат, рече Спасовски.

Министерот истакна дека земјава, иако не е членка на ЕУ, ги штити надворешните граници на Европа, а склучувањето договор со „Фронтекс“ ќе значи директна помош од Унијата во обезбедувањето на јужната граница од евентуален нов мигрантски бран.

Изјавата на Спасовски е спротивна на таа на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, која пред неколку дена рече дека очекува нов мигрантски бран во Македонија поради состојбата во Сирија.