Спасовски: Неопходен ефикасен безбедносен систем за кризни состојби

Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на научно-стручната дебата на тема „Функционирањето на безбедносниот систем на Република Македонија во кризна и сложена безбедносна состојба-менаџирање и справување со кризи“.

– Колку за илустрација, токму на денешниот ден пред 21 година бевме сведоци на еден од најгрозоморните терористички облици на делување, атентат врз претседателот на државата Киро Глигоров. Минатата година пак, мигранскиот бран, чие што жариште Блискиот Исток ни малку не дава надеж за скорешно гаснење, како и августовската трагедија во која природата за еден миг одзеде триесетина наши сограѓани, многу сериозно предупредуваат дека немаме право на опуштање или на потпирање на некакви други фактори или видови на помош, истакна Спасов и додаде дека помошта можеби и ќе дојде, но најважно е времето пред нејзиното доаѓање да се процени, да се предупреди и да се дејствува.

Потребно е, рече тој, изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт на безбедност на институционално ниво, способен првенствено за валидно евидентирање, анализа и проценување на заканите, како и на мултиинституционален систем за соодветен одговор кон истите.

Спасовски нагласи дека државата мора да биде заштитена, но, потенцира, не од граѓаните, туку во интерес на граѓаните кои се смисолот за постоење на државата.

Според Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност сегашниот безбедносен состем на Република Македонија не дава соодветен одговор на загрозувањата и дека потребно е ресетирање на целокупниот безбедносен систем на државата бидејќи, како што рече, дел од системот веќе се наоѓа на апарати за вештачко дишење.

– Сите политички двигатели треба да ја напуштат практиката во секоја политичка криза да се инволвира безбедносниот ситем и тој од тие кризи да излегува ранет, понеефикасен, разединет и поделен. Субординација и едностарешинство е клуч во безбедносниот менаџмент, рече Ѓуровски.

Тој порача дека се потребни реформи на тајните служби меѓу кои е безбедносната контрола и проверка на разузнавачката и контраразузнавачката служба, одвојување на одделот за следење на комуникациите како посебно тело каде одлуките ќе ги носи Собранието и Судот, департизација на раководните структури на службите и др.

Во првиот дел на работилницата свои излагања имаа заменик началникот на ГШ на АРМ Генерал мајор Мухамед Рацај, и професорите Раде Рајковчески, Драгана Башиќ и  Александар Иванов. На вториот дел од дискусијата учесниците разговараа за искуствата и предизвиците во менаџирање со кризи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.