Македонија,Економија

Специјализирана програма на ЕВН Македонија за обука и вработување на млади кадри „Trainees 2014“

Специјализирана програма на ЕВН Македонија за обука и вработување на млади кадри „Trainees 2014“

Развој на нови бизнис идеи, иден работен потенцијал, експерти и лидери се главните бенефити од специјализираната програма на ЕВН Македонија за обука и вработување на млади кадри „Trainees 2014“.

Новата програма официјално почна со отворениот ден за одбраните 23 кандидати и првиот воведен тренинг. Интересот оваа година беше најголем, на отворениот конкурс кој ЕВН Македонија го објави на почетокот на годината пристигнаа 530 апликации.

По спроведените тестирања и интервјуа беа одбрани новите учесници со електро-техничко образование и од областа на општествените науки. Тие по принципот на ротација низ техничките и комерцијални оддели, како и Корисничките енерго центри (КЕЦ) на ЕВН ќе специјализираат во област соодветна на нивниот образовен профил.

За секој учесник ќе биде одговорен ментор (специјалист, вработен во ЕВН Македонија), кој ќе го воведе во работните процеси и ќе го следи и оценува секој напредок за што ќе се формира мислење по секоја ротација во одделите на ЕВН. Програмата завршува со заеднички проект и понуда за работно место за оние што ќе сакаат да ја продолжат кариерата во ЕВН Македонија и кои што покажале одлични резултати.

Оваа програма веќе пет години се практикува и надградува. На младите и перспективни кадри им се дава вистинска можност за професионален обука и вработување во компанијата.

Од 2007 година досега, над 70 дипломирани студенти или апсолвенти на факултетите за електротехнички, економски и правни науки ја минале оваа програма. Над 90 отсто од нив се вработиле во ЕВН Македонија, а некои од првите генерации на „Trainees“ веќе имаат раководни позиции во ЕВН Македонија.