Специјална награда „Жива“ за Музејот на македонската борба

На овогодинешното доделување на наградите „Жива“ за најдобар музеј во словенските земји, жирито додели специјална награда за презентација на Музејот на македонската борба.

Наградата која првпат се воведува годинава, е признание за иновативниот начин во презентацијата на музејските поставки. Музејот на македонската борба беше македонски кандидат за престижната награда најдобар музеј од словенските земји, која годинава се додели на 14 мај во Санкт Петербург, Русија.

Доделувањето на наградите „Жива“ е во организација на меѓународната фондација Форум на словенски култури со седиште во Љубљана, Словенија, а на овогодинешните награди беа номинирани 14 музеи од десетина словенски земји. Добитник на наградата најдобар словенски музеј е Музејот на Лав Толстој од Русија.

Музејот на македонската борба добива уште една потврда за современата презентација. Во 2012 година, на доделувањето на наградите на Европската музејска академија во Бурса, Турција, музејот доби специјално признание од жирито за „ентузијазмот и достигнувањата во зачувувањето на националното богатство, како охрабрувачки пример на виталност во европската пракса“.