Специјални претставници на ОБСЕ во посета на Македонија

Роберто Батели и Андреас Нотеле, специјалните претставници на Парламентарното собрание на ОБСЕ денеска во Скопје ќе се сретнат со високи македонски државни претставници, како и со лидерите на најголемите политички партии.

Батели, кој е специјален претставник на ПС на ОБСЕ за Југоисточна Европа, и амбасадорот Нотеле, специјален претставник во Виена, ќе имаат средби со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со лидерите на ДУИ Али Ахмети и на СДСМ Зоран Заев.

Специјалните претставници на ОБСЕ во Собранието ќе имаат средба и со членовите на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ.