Специјалниот државен обвинител на Аргентина најден мртов

Аргентинскиот специјален обвинител Алберто Нисман, кој минатата недела ја обвини претседателката Кристина Фернандес за прикривање докази во случајот со најсмртоносниот терористички напад во Аргентина во 1994 година, е пронајден мртов во неговиот дом, објави МИА.

Нисман, кој денеска требаше во врска со своите обвиненија против Фернандес да сведочи зад затворени врати, е пронајден доцна синоќа во бањата на неговиот стан во Буенос Аирес, со прострелна рана на телото, изјави јавната обвинителка Вивијана Фејн.

– Можам да потврдам дека станува збор за прострелна рана од пиштол со калибар 22 – рече Фејн и додаде дека е прерано да се утврди што навистина се случило.

Нисман пред десет години за специјален државен обвинител беше именуван од покојниот сопруг на Фернандес, тогашниот претседател на Аргентина Нестор Кирхнер, за да раководи со истрагата за бомбашкиот напад од 1994 година врз зградата на Аргентинско-израелското здружение АМИА во Буенос Аирес, во кој загинаа 85 лица, а повредени беа над 200.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.