Балкан

Спектакуларен грабеж на аеродромот во Тирана

Спектакуларен грабеж на аеродромот во Тирана

Само ден откако албанските власти ги засилија безбедносните мерки по терористичкиот напад во Истанбул, на меѓународниот аеродром во албанската престолнина извршен е спектакуларен грабеж, јави дописникот на МИА од Тирана.

Три вооружени и маскирани лица го минале целиот систем на безбедност на аеродромот „Мајка Тереза“ и стигнале до аеродромската писта. Откако зеле неколку вреќи со пари кои требало да бидат транспортирани со авион, побегнале од местото на настанот без никој да ги запре, а аеродромот го напуштиле со автомобил .

Грабежот се случил околу 15 часот во време кога на пистата имало неколку авиони подготвени за лет.

Според првичните информации кои ги пренесуваат албанските медиуми, ограбувачите со автомобилот стигнале на аеродром, потоа пеш се упатиле до пистата, кршејќи при тоа неколку пречки, стасале до возило, каде под закана со оружје ги земале вреќите во кои имало најмалку 200 илјади евра, по што си заминале.

Во потрага по крадците е вклучена и специјалнатга полициска единица „Ренеа“, како и полициски хеликоптер, но до сега е пронајден само автомоблот кој крадците го запалиле, а според полициската статистика бил украден во март годинава во Подградец.

Засега полицијата ги привела само вработените на приватната компанија задолжена за обезбедување на транспорот на парите.