Спелеонуркачи и спелеолози истражуваа во пештерата Ѓоновица

Единаесетчлена експедиција за истражување на пештерата Ѓоновица, гостиварско, предводена од спелеонуркачкиот клуб Врело, ја надмина крајната истражена точка во внатрешноста на пешерата. Пробивајќи се во уште нови 130 метри во внатрешноста, првиот тим на експедицијата успеа да стигне на 1 140 метри длабочина (хоризонтално), притоа откривајќи многу нови територии.

– Пробивањето во внатрешноста на пештерата е големо достигнување за нас. Фактот што стигнавме да истражиме предел кој досега никој не го истражил е огромна чест за домашните спелеонуркачи и спелеолози, како и предизвик што сега ни се отвори голем простор за истражување, пред се’ на составот на водата и целиот карстен предел. Се разбира собраните материјали од внатрешноста на пештерата се доволно возбудливи и за научниците од многу научни области. Наскоро очекуваме нови сознанија за животинскиот свет, за водата и почвата од внатрешноста врз основа на примероците кои им ги приложивме на научниците кои беа вклучени во истражувањето- изјави Киро Ангелески, претседател на клубот Врело.

Покрај новите отвори во Ѓоновица, експедицијата имаше за цел да ги истражи сливните канали во главниот водотек низ пештерата, каде се откриени разнобојни фигури од различен геолошки состав, како и големи водени акумулации со длабочина од над три метри. Во следниот период се очекува да бидат пласирани во јавноста фотографии и видео материјали наравени за време на експедицијата, на кои се наоѓаат најубавите делови на пештерата, кои, како што велат од единаесетчлената експедиција ги има во изобилство како во ниту една друга пештера во поблизок регион на Балканот.

Благодарение на поддршката на Општина Гостивар, Министерството за Економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и месното население и други подржувачи, беше реализирана тимска работа која вроди многу плод во текот на истражувањето. Поддршката од гореспоменатите фактори ќе овозможи продолжување на истражувањето во следниот период. Целта ни е да стигнеме до подводниот базен што се појавува на крајната точка од истражениот дел на пештерата како и поставување на инструмент за мерење на составот на водата и снимањето на целиот карстен предел, за кој очекуваме да разоткрие многу тајни за целокупниот пештерски систем- додаде Ангелески.

Експедицијата беше прилика за проверка на способностите на младите спелеолози и спелеонуркачи во фаза на формирање на спасувачки тимови за интервенции во евентуални несреќи од различен карактер како во пештера (сува или подводна), во урбана средина и во сите отворени водни површини. Во истражувањето, покрај Врело беа вклучени и клубовите “Златоврв“ од Прилеп, „Урсус спелео“, „Ботом тајм“ од Охрид и „Акватек“ од Скопје.

pestera

pestera1

pestera2

pestera3

pestera4

pestera5