„Шпигел“: Напаѓачите од Вурцбург и Ансбах контактирале со луѓе од Саудиска Арабија

Напаѓачите од Ансбах и Вурцбург повеќе пати биле во контакт со наводни членови на џихадистичката група Исламска држава (ИД) и тоа преку неколку телефонски броеви од територијата на Саудиска Арабија, пишува весникот „Шпигел“, повикувајќи се на податоци од истрагата на германските власти, пренесува МИА.

Напаѓачот од Вурцбург, Риаз Хан Ахмадзаи, за кого се претпоставува дека е од Авганистан, и кој на 18 јули повреди со нож и секира неколку луѓе во патнички воз, се збогувал со човекот со кого разговарал со зборовите: „Ќе се видиме во рајот“.

Во преписката човекот за врска со ИД му предложил на 17-годишниот Ахмадзаи да удри со автомобил на место каде има голема фрекфенција на луѓе. Младиот Ахмадзаи не се согласил со таквиот предлог, бидејќи немал возачка дозвола. Наместо тоа, тој рекол дека ќе се качи на некој воз и ќе ги нападне првите патници, пишува „Шпигел“.

За напаѓачот од Ансбах, Сириецот Мохамад Далил властите претпоставуваат дека на 24 јули загинал случајно. Далил веројатно требало да го остави ранецот полн со експлозив на местото каде што се одржувал музичкиот фестивал во Ансбах, а потоа да го активира од далечина. Непосредно пред нападот лицето со кое контактирал побарало од него да ја снима експлозијата и да ја испрати снимката на ИД. Очевидно експлозивот се активирал предвреме, при што тој загинал, а 15 луѓе беа повредени.

Од преписките со кои располагаат германските власти е утврдено дека Далил планирал да изврши и други напади. За тоа докажува видео снимката, на која тој со покриено лице со шал признава дека е извршителот, а истражните органи во неговиот дом пронашле уште експлозивни направи, наведува берлинскиот весник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.