„Шпилје“ и „Глобочица“ го исполнија годишниот производствен план

Хидроелектраните „Шпилје“ и „Глобочица“ кои се дел од Црнодримскиот слив предвреме го исполнија годишниот план на производство. Според надлежните, турбините на двете електрани во периодот јануари-окртомври произвеле над 479 милиони киловат-часови електрична енергија.

„Во ХЕ „Шпилје“ произведени се 286,5 милиони киловат-часови електрична енергија, што е за 22,3 насто поголемо производство од планираното за овој период, а во исто време претставува и остварување на годишниот план и негово натфрлување за четири насто. Моментно во акумулацијата „Дебарско Езеро“ има резерва на вода за производство на 20 милиони киловат-часови електрична енергија, а просечниот дотек изнесува 50 кубни метри вода во секунда“,  велат надлежните во Црнодримскиот слив.

Годишниот план е остварен и во ХЕ „Глобочица“, каде во периодот јануари-октомври се произведени 192,7 милиони киловат-часови.

„Оствареното производство во споменатиот период во ХЕ „Глобочица“ е за 17 насто поголемо од планираното за овој период, а во однос на годишниот план тоа е поголемо за 1,3 насто. Во акумулацијата има резерва за производство на околу 21 милион квч, а просечниот дотек изнесува 33 кубни метри вода во секунда“, нагласуваат надлежните.

Поради поволната хидрологија, како и техничката подготвеност на електромашинската опрема, се очекува до крајот на годинава производството да биде за околу 20 насто поголемо од планираното на годишно ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.