Македонија

Списанието со импакт фактор од областа на хемија и хемиско инженерство од Македонија прослави 40 години од првиот број

Списанието со импакт фактор од областа на хемија и хемиско инженерство од Македонија прослави 40 години од првиот број

Македонското списание со импакт фактор „Macedonia Journal od chemistry and chemical engineering“ во организација на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија годинава слави 40 години од првото излегување.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната свеченост по повод јубилејот на списанието истакна дека станува збор за единствено македонско списание со меѓународен фактор на влијание во оваа област, каде се потврдува квалитетот и веродостојноста на научните трудови на нашите научно истражувачки работници и универзитетски професори.

– Македонското списание за хемија и хемиско инженерство е значајно обележје на научно-истражувачката дејност во Македонија. Област на која што Владата и Министерството за образование и наука секогаш ќе бидат голем поддржувач и поттикнувач за развој, затоа што сметаме дека науката е еден од днeвните двигатели на севкупниот општествено-економски напредок на земјата, рече Ристовски.

Според него, списанието со фактор на влијание кое е со исклучително значење од областа на хемија и хемиско инженерство, претставува пример и мотив за останатите области да го следат примерот на ова списание.

Главниот и одговорен уредник на списанието Зоран Здравковски нагласи дека во изминатите 40 години испечатени се 53 броеви во кои се објавени 640 трудови каде доминираат автори од Македонија.

-Во 2010 година ние го добивме таканаречениот фактор на влијание кое што само уште едно списание во Македонија го има тој фактор на влијание, а тоа е едно од врвните мерила за квалитетот на списанието, истакна Здравковски.

Тој појасни дека списанието пред 40 години е формирано од Институтот за хемија при Природно математички факултет и Технолошко-металуршкиот факултет каде, како што кажа, тие се откажале од сопствените списанија за да направат едно квалитетно списание.