СПМ: Предвремените избори мора да се одржат на 24 април

Од Социјалистичката партија на Македонија сметаат дека предвремените парламентарни избори мора да се одржат на 24 април и дека не постои ниту една основа за нивно одложување.

Според СПМ, крајно лицемерен е ставот на СДСМ која раководи со МВР и ДИК, дека не може да се организираат фер и демократски избори.

Социјалистичката партија преку соопштение до медиумите укажува и на, како што наведува, неразумното барање на опозицијата за целосна теренска проверка на Избирачкиот список, како и на несовесното работење на поединечни членови на Дражавната изборна комисија предложени од опозицијата.

– Предупредуваме на нивното саботирање во извршувањето на законски предвидените обврски поврзани со изработка на методологијата и прочистувањето на Избирачкиот список согласно договорените услови за организирање на предвремените парламентарни избори. Доколку овие членови на ДИК не ги извршат своите задачи и понатаму спроведуваат партиски директиви за кочење на процесот, предлагаме Собранието на Република Македонија да преземе чекори за нивно разрешување и избор на нови членови кои чесно и со професионален интегритет ќе ја извршуваат обврската во согласност со законот, истакнуваат од СПМ.

Сите членови на ДИК, додава партијата, се предлог и договор на политичките партии, изгласани во Собранието на Република Македонија. Со тој чин, тие прифатиле да ги извршат сите задачи дадени со законот и да ги подготват изборите за законски утврдениот датум. Веднаш по нивниот избор, наместо опструирање, тие имаа време да почнат со работа како независна институција.

Социјалистичката партија нагласува дека Изборите се најважниот дел на секоја демократија на кои граѓаните, како водечки елемент во демократските процеси, ги избираат своите претставници и ниту една партија, организација или институција не може да им го попречи тоа право.

– Додека сите меѓународни институции се подготвени за набљудување на претстојните парламентарни избори, секој изговор на опозицијата за неподготвеност на нашите институции е неразумен и неприфатлив, а заканувањето со бојкот на изборите кое поаѓа од тесно партиски и најмногу лични интереси, го сметаме за противдржавен чин, заклучува СПМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.