Македонија

Спој на младоста и искуството во креирањето на здравствените политики

Спој на младоста и искуството во креирањето на здравствените политики

Министерството за здравство формираше Младински здравствен форум, кој ќе функционира како стручно-советодавно тело на министерот за здравство.

Младинскиот здравствен форум ќе се состанува еднаш месечно и поканата за присуство ќе биде отворена за јавноста, односно ќе може да присуствува секој кој е заинтересиран.

Идејата е со Младинскиот здравствен форум да се овозможи јавна расправа и на отворен и транспарентен начин да се слушнат проблемите со кои се соочуваат младите студенти на медицина, специјализанти, доктори и специјалисти, да се слушнат нивните предлози во насока на унапредување на системот, и низ заедничка дискусија да ги разгледаме можните решенија.

Министерот Тодоров потенцираше дека ќе се прифаќаат одредени совети од Младинскиот здравствен форум за веќе донесени здравствени политики, се разбира доколку се утврди дека тие не се најсоодветни.

-Секогаш кога има дебата, секогаш кога има разговори може да се утврди дека некоја политика што е донесена, можеби не е најсоодветна, а најдобар начин за утврдување на тоа е низ дебати. Секогаш кога се отвараме кон што е можно поголем број на луѓе овозможуваме да добиеме повеќе добри идеји или, пак, да прекратиме некоја одредена политика со која се прави штета или се креира некој проблем во општеството, особено во делот на здравството. Во секој случај, секогаш кога е нешто квалитетно, полезно и кога е во поширок интерес и во интерес на целиот здравствен систем не би имало проблем да се прифатат одредени совети од Младинскиот здравствен форум, изјави министерот за здравство Никола Тородов.

Во Младинскиот здравствен форум како постојани членови ќе бидат вклучени претставници од повеќе релевантни установи и здруженија, како што се: Претседателите на Лекарската комора на Македонија, Македонското лекарско друштво, Стоматолошката комора на Македонија, Фармацевтската комора на Македонија, како и претставници на студентските парламенти на Медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип, претставник на студентскиот парламент на Стоматолошки факултет, Фармацевтски факултет, Високата медицинска школа во Битола, кои тие ќе ги делегираат, како и претставник на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.