Според амбасадорот на САД во Тирана посетата на Рама во Белград е успешна

Американскиот амбасадор во Тирана, Александар Арвизу ја оцени за многу позитивна посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Србија, пренесе МИА.

Арвизу во изјава за медиумите дадена денеска по средбата со Народниот правобранител Игли Тотозани, американскиот дипломат искажува оптимизам дека по „уривањето на 68 годишниот ѕид набрзо и српскиот премиер ќе престојува во Албанија“.

– Ова беше една историска, многу значајна посета. Шеесет и осум години се долг период, во кој високи функционери на двете земји не се сретнале. Многу охрабрувачки е фактот што по инцидентот што се случи на фудбалскиот натпревар, беше одреден нов датум за средба на Рама и Вучиќ и тоа сe испочитува. Понатаму, во Белград се потпишаа неколку спогодби, изјави Арвизу.

Американскиот амбасадор е убеден дека соработката во иднина ќе се унапредува и оти премиерот Александар Вучиќ наредната година ќе ја посети Албанија.