Спорт

Академијата „ЗА НЕД ДО” со полна пареа во подготовка за претстојните светски купови

Академијата „ЗА НЕД ДО” со полна пареа во подготовка за претстојните светски купови

Академијата „ЗА НЕД ДО”, со полна пареа ги започна подготовките за претстојните Светски купови во боречки вештини, како втората ½ од годината, по меѓународните и регионалните натпревари, во својот фокус ги има Шампионатите од светски карактер.

Викендов, главниот тренер на македонскиот тим, Дијана Неделковска и основачот на академијата, и шеф на македонската делегација, Златко Неделковски го собраа натпреварувачкиот состав, при што направена е ретроспектива на изминатите четири години, со учеството на Светските купови, од кои два се одржаа во Република Грција, во Сер и Атина, а по еден во Република Хрватска, Умаг и Република Германија, Хаген.

Од светските купови, академијата за боречки вештини, за Македонија, реализирала огромен успех со освоени над 200 медали од светски шампионати и светски титули, додека од учеството на меѓународни и регионални натпревари, освоени се над 150 медали.

„Резултатот од вкупно освоени над 350 медали, за период од четири години е нешто што на прв поглед е за воодушевување. И ние сме благодарни на нашиот тим, што во својата реализација, секогаш бил над 100 отсто исполнителен, па скоро на сите натпревари, еден натпреварувач партиципирал во две или повеќе дисциплини. Светот на боречките вештини не познава импровизација, па дотолку повеќе сум горд, што секој освоен медал е резултат на високо квалитетна серија борби, или демонстрации со традиционално оружје, или демонстации на самоодбрана, три категории во светот на боречките вештини, каде изминатите четири години, доминираме со просек од над 2 медали по натпреварувач, и секогаш сме меѓу првите три држави по бројност на освоени медали.

Но тоа значи и одговорност. Секој поголем постигнат успех кај нас градира со уште поголем, па се наметнува обврската, секогаш да тежнееме кон поголеми цели и поголеми успеси. Иако тоа не е примарно. Успехот е резултат кој нас ни ја крунисува работата како професионалци, и е репер, каде ни е местото во светот на боречките вештини. Во моментов сме меѓу првите три, па како сме мала земја, и се се реализира со самофинансирање, лично сум задоволен. Останува на оној, кому тоа е работа, да стави прст на глава и помисли што ако Македонскиот тим не броеше 25, туку 50 натпреварувачи, колку во основа го сочинуваат на годишно ниво тимот за натпревар, кој ги брани боите на Република Македонија. Но не сите успеваат да соберат доволно финансиски сретства”, рече Златко Неделковски, основач на академијата и шеф на македонската делегација во светските организации.

Академијата „ЗА НЕД ДО” ја очекува работна есен и зима 2017-та. Како се официјални претставници за повеќе светски организации, до сега се поканети да ја претставуваат Македонија на светските првенства и купови кои ќе се одржат во Грција, Белорусија, Италија и Гермнанија. Очекувањата се едно, можностите и подготвеноста нешто друго, финансискиот аспект е тој што ќе одреди каде се ќе може да се бранат националните бои на Македонија

„Сакавме да направиме ретроспектива, прво затоа што тоа го правиме редовно, веќе 35 години колку што постоиме. Второ, да делува мотивационо, затоа што се што гледате е освоено со многу работа и труд, но и лична пожртвуваност, не само на натпреварувачите, туку и нивните семејства, кои учествата на натпревари го самофинансираат. Никогаш за колега спортист нема да кажам лош збор, но во Македонија институциите кои треба да се грижат за спортот, имаат некој чуден поглед на тоа што е постигнат успех, и тоа до некое ниво не деградира. Се глорифицираат спортовите од првата тројка, фудбал, кошарка и ракомет и тоа е во ред, но боречките вештини по сите параметри се најнаградувани и најврeднувани, не само на регионално и Европско, туку и на Светско ниво, и тоа некому треба да биде јасно. Ние можеме и вака. Но не секогаш, цел Македонски тим е во можност да партиципира на натпревар. Притоа, живеема во мала држава, па со право и нашите натпреварувачи, иако во дел се јуниори, ни го поставуваат прашањето, зошто го немаат истиот третман како и нивните колеги. Но тоа е прашање, на кое ни ние немам одговор. Иако спортистите меѓусебно се согласни дека секој успех мора идентично да се вреднува”, изјави Дијана Неделковска, главен тренер на Македонскиот натпреварувачки тим.