Барселона тргнува по стапките на Реал

Раководството на Барселона се чини реши да го следи примерот Реал Мадрид и започнува преговори со тројца фудбалери за обновување на нивните договори.

Откако најголемиот конкурент за трофеите во шпанскиот фудбал веќе ги продолжи договорите на повеќе играчи и тренерот, Барселона сака први да си ги „обезбеди“ за во иднина Серхи Роберто, Жерар Пике и Жерар Деулофеу.

Роберто има договор со клубот до 30 јуни 2019 година, а клаузулата за негов предвремен раскин е 40 милиони евра. Барселона сака да ги заврши преговорите со 25-годишниот Роберто пред крајот на годината подготвувајќи му понуда со многу подобри услови, а исто така сака и значително да ја зголеми откупната клаузула.

Договорот на Жерар Пике со Барселона исто така истекува летото 2019 година. И за Пике се подготвува „примамлива“ понуда, а клаузулата во неговиот договор изнесува 200 милиони евра.

Жерар Деулофеу има договор до јуни 2019 година. Со оглед на неговата возраст (23 години) Барселона во него гледа потенцијал за подолг рок и е одлучна да го „врзе“ со договор на повеќе години.

Каталонскиот клуб има максимални шест победи од почетокот на првенството во Примера, а голем удел во нив имаат тројцата фудбалери со кои започнуваат преговори за продолжување на соработката.