Де Лаурентис најави богата награда за фудбалерите на Наполи

Контроверзниот сопственик на италијанскиот калчолигаш Наполи, Аурелио де Лаурентис потврди дека сака богато ќе ги награди своите фудбалери доколку обезбедат директен пласман во групната фаза од Лигата на шампиони и додаде дека сака да ја продолжи соработката со шпанскиот интернационалец Пепе Реина.

„Разговарав со Реина по натпреварот против Јувентус. Му кажав дека сакам да остане на “Сан Паоло”, дека сакам и во новата сезона да биде прв голман на Наполи. Исто така ги информирав сите фудбалери дека ќе бидат богато наградени доколку ја освојата втората позиција и обезбедат директен пласман во групната фаза од Лигата на шампиони”, изјави Де Лаурентис.

Репрезентативецот на Шпанија актуелната сезона ја одработува како позајмен голман од редовите на англискиот премиерлигаш Ливерпул, но Реина веќе изјави дека не сака да се врати на „Енфилд” на крајот од сезоната.