Германија првпат во историјата триумфираше на Купот на конфедерациите

Фудбалската селекција на Германија, којашто беше испратена со доза на сомневања дека го одразува вистинскиот квалитет на германскиот фудбал, е победникот на Купот на конфедерациите откако во финалниот дуел го совлада Чиле со 1:0 во мечот одигран во неделата вечерта пред 57.000 гледачи во Санкт Петербург.

За Германија ова беше третиот настап на Купот на конфедерацијата и првиот трофеј. Во својот премиерен настап во 1999 година испадна во групата, а во 2005 година го освои третото место, додека овојпат одите до крајот. Актуелните светски прваци во Русија допатуваа без главните ѕвезди, а на патот до титулата остварија четири победи и едно реми со гол разлика 12:5.

Чилеанците останаа неутешни бидејќи ова беше нивното трето големо финале во последните три години и ја пропуштија можноста да освојат трофеј надвор од нивниот континент. Пред две години Чиле победи на Копа Америка лани ја одбрани титулата јужноамерикански шампион, а оваа година стаса до финалето на Купот на конфедерациите.

Чиле одлично го започна натпреварот и доминираше во првите 20 минути од играта кога создаде и три одлични шанси. Двапати опасно се закани Артуро Видал, а еднаш Едуардо Варгас, но Марк-Андре тер Штеген на германскиот гол сите трипати одлично интервенираше. Во споменатата минута Марсело Дијаз се поигруваше на работ од својот шеснаесетник, што го искористи Тимо Вернер кој му ја одзема топката и потоа му асистираше на Ларс Штиндл кој лесно поентираше за 1:0.

Германските фудбалери дури по половина час игра „застанаа на топката“ и полека воспоставија рамнотежа. Во 40 минута по брз контранапад имаа можноста да го зголемат водството, но Јулијан Дрекслер шутираше крај голот. Во 44 минута Чилеанците речиси ќе си постигнеа и втор гол. Последната линија на одбраната му подари на противникот уште една топка, по што Леон Горетцка малку откосо излезе сам пред Клаудио Браво, но чилеанскиот голман ја прочита неговата намера.

Првата шанса во второто полувреме ја имаа Германците. Дрекслер во 55 минута одлично повлече по страна, по што шутирапе, но Хара го блокираше неговиот удар во корнер. Чиле возврати дури во 75 минута, но Тер Штеген го одбрани ударот на Варгас. Само минута подоцна Видал од допра позицја го префрли германскиот гол. Во 80 минута шутираше Арангуиз, но германскиот голман запиша уште една одбрана. Одлична можност за израмнување имаше и Сагал во 85 минута кога од пет-шест метри на повратната топка од Видал го префрли целиот гол. Последната шанса да се изборат за продолжувања Чилеанците ја имаа во четвртата минута од судиското продолжување кога Алексис Санчез од слободен удар одлично шутираше, но Тер ШТеген одлично реагираше станувајќи јунак на мечот.

Претходно во Москва, актуелниот европски првак Португалија иако без првата ѕвезда Кристијано Роналдо, со пресврт го совлада шампионот во Конкаккаф, Мексико со 2:1, со што го освои третото место на годинешниот Куп на конфедерациите.

Бразил со четири тутули и натаму останува најтрофејната селекција во ова натпреварување коешто се ига од 1992 година и во првите две изданија се нарекуваше Куп на кралот Фахад.

Досегашни прваци: 1992 – Аргентина; 1995 – Данска; 1997 – Бразил; 1999 – Мексико; 2001 – Франција; 2003 – Франција; 2005 – Бразил; 2009 – Бразил; 2013 – Бразил и 2017 – Германија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.