Гризман творец на победата на Атлетико против Малага

Во дуелот од 4-ти коло од шпанската фудбалска лига, Атлетико Мадрид славеше над Малага со 1:0, а ова воедно беше и првиот натпревар на славните мадридски „јорганџии“ на новоизградениот стадион.

По 51 година играње на „Винсенте Калдерон“, Атлетико се пресели на новиот стадион „Ванда Метрополитано“ кој чинеше 240 милиони евра, а може да прими 67.700 гледачи. На отворањето во саботата вечерта стадионот беше целосно исполнет, а присутен беше и шпанскиот крал Фелипе Шести.

Честа прво да ја затресе мрежата на новиот стадион ја имаше францускиот репрезентативец Антоан Гризман во 61 минута.

Претходно попладнето во саботата во Ла Лига, фудбалерите на Барселона останаа со максимален ефект и по 4-то коло од шпанската Примера откако многу потешко од очекуваното славеа на гостувањето кај Хетафе со 2:1.

На Каталонците победата им ја донесе новото засилување Паулињо, платен 40 милионна кинески Гуанжиу Евергранде , со голот на шест минути пред крајот по додавањето на Лионел Меси.

Клубот од предградието на Мадрид поведе во 38 минута со прекрасниот волеј на Јапонецот Гаку Шибасаки, а изедначи Денис Суарез, исто така, со одличен удар во 68 минута.

Претходно во саботата во градското дерби Леванте и Валенсија одиграа 1:1. Поведоа гостите преку Родриго во 33 минута, а за Леванте изедначи македонскиот интернационалец Енис Барди во 41 минута. И двата клуба од Валенсија засега се непоразени во првенството.

Во саботата Еибар го совлада Леганес со голот на Галвез Алехандро во 54 минута. Со двата гола на Жоакин, во 15 и 77 минута, Бетис го совлада Депортиво Ла Коруња за кој изедначи во 24 минута Картабија Феде.

Барселона е во водство на табелата со 12 бодови, Реал Сосиедад има 9 и меч помалку, Атлетико Мадрид е трет со 8 бодови, а Реал Мадрид е дури 10-ти со пет бодови и исто така натпревар помалку.