Сензационалната Словенија во финалето преку Шпанија

Кошаркарите на Словенија во петокот во истанбулската арена „Синан Ердем“ на сензационален начин го елиминираа актуелниот шампион Шпанија со 92:72 (25:19, 24:26, 24:12, 19:15) и станаа првите финалисти на континенталното првенство.

Со импозантна шутерска леснотија и прецизност, цврста одбрана и разновидност во нападот, кошаркарите на Словенија ја продолжија својата победничка серија на Европското првенство, и на сензационално убедлив начин го декласираа бранителот на титулата. Шпанците вака уверлив пораз со 20 поени разлика немаат доживеано уште од 2005 година, кога Французите во мечот за 3-то место го совладаа со 30 кошеви разлика.

Словенечките кошаркари во првото полувреме постигнаа 10 „тројки“ од 15 обиди, но по првите 20 минути од мечот имаа само четири кошеви предност (49:45). Меѓутоа, брилијантно ја одиграа третата четвртина во која ги оставија шпанските кошаркарски ѕвезди на само 12 поени. Исто така цврсто Словенците ја одиграа и последната четвртина и сосема заслужено се пласираа во своето прв финале на европските првенства и воедно и нивен прв медал.

Во селекцијата којашто ја води Игор Кокошков најимпресивен ефект имаше Лука Дончиќ која за малку не успеа да впиша „трипл-дабл“ со 11 поени, 12 скокови и 8 асистенции. Горан Драгич додаде 15 поени, со 5 асистенции и 6 скокови. Американскиот Словенец Ентони Рендолг, исто така, постигна 15 кошеви, погодувајќи 3 од 3 за „тројка“. Клемент Препелич уфрли 13 кошеви, а Гашпер Видмар додаде 12 поени.

Пау Гасол за своите 16 поени потроши 15 шутови, гаѓаше 6 од 15, Рики Рубио дојде до 13 кошеви, а Марк Гасол имаше 12 поени и 10 скокови. Меѓутоа, тимот на Серџо Скариоло во ниту еден момент од мечот не делуваше како пред две години кога супериорно ја освои титулата.

Словенија во недела во 20,30 часот ќе игра за златото против подобриот од вториот полуфинален дуел во кој во петок ќе се соочат Русија и Србија. Поразениот ќе игра за бронзата против Шпанија, исто така, во недела во 16,30 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.