ШК „Алкалоид“ подготвен за Европскиот клупски куп 2017

Европскиот клупски шампион во шах за 2016 година, екипата на ШК „Алкалоид“ и оваа година амбициозно се подготвува за најсилното клупско шаховско натпреварување во светот – ЕКК (Европски клупски куп/European Club Cup), чиј домаќин во октомври ќе биде турскиот град Анталија.

По освојувањето на шампионската (прва) шаховска круна минатата година, пред „Алкалоид“ е нов и сега веќе потежок предизвик. И за оваа 2017 година амбициите се високи – освојување медал, односно пласман меѓу првите три екипи.

Дотогаш екипата на „Алкалоид“ ќе учествува на Eкипниот шампионат на Македонија, кој се одржува од 24 до 30 јули во Охрид. Боите на клубот ќе ги бранат интернационалниoт мајстор Филип Панчевски, велемајсторите Трајко Недев, Звонко Станојоски, Влатко Богдановски, интернационалниот мајстор Дејан Стојановски и велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ, кој воедно е и капитен на екипата.

Во составот, покрај најдобрите македонски шахисти ќе се борат и четворица велемајстори од светскиот врв, членови и на минатогодишниот шампионски тим, кои во изминатите години веќе беа дел од екипата. На тој начин, се негува тимскиот дух на екипата, кој се покажа како многу значаен фактор при минатогодишниот шампионски настап

Павел Елјанов е актуелен предводник и стандарден член на шаховската репрезентација на Украина со која досега има освоено две олимписки злата и сребро на последната Олимпијада 2016; во 2015 година на Светскиот куп низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот, трипати член на шампионска екипа на Европски клупски куп (2009, 2010 и 2016). Со својата сигурна игра, како еден од најуспешните, на ЕКК 2016 освои бронзен медал за индивидуален резултат на трета табла (4,5 поени од 6 партии).

Дмитриј Андрејкин, пак, е член на Руската шаховска репрезентација. Тој е светски јуниорски првак за 2010 година и шампион на Русија за 2012 година, трипати член на шампионска екипа на Европски клупски куп (2009, 2010, 2016). На ЕКК 2016, играше на втора табла при што освои значајни 4,5 поени од 7 партии, и тоа без пораз.

Дмитриј Јаковенко, исто така, е член на руската шаховска федерација. Европски шампион за 2012 година; светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година; првак на Европскиот екипен шампионат за 2007 година и носител на сребрен олимписки медал за 2012 година, двапати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012), трипати член на шампионска екипа на ЕКК (2005, 2006, 2016). На ЕКК 2016, играше сигурно на четврта табла при што освои 3,5 поени од 6 партии.

Јуриј Криворучко е член на шаховската репрезентација на Украина со која освои сребрен медал на Олимпијадата 2016 година. Шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК „Алкалоид“ во последниве шест години. Секогаш максимално подготвен и мотивиран кога настапува за екипата на „Алкалоид“, во 2015 година освои сребрен медал за индивидуален резултат на ЕКК, додека во 2016 година освои 5 поени од 7 партии.

Како еден од неколкуте најуспешни клубови во историјата на македонскиот спорт и најсилен шаховски клуб во Македонија, ШК „Алкалоид“ претставува и главен столб на државните репрезентации. Функционирајќи континуирано под водство и спонзорство на акционерското друштво „Алкалоид АД“ Скопје, клубот во 2016 година на најдобар начин прослави 40 години од своето постоење, крунисувајќи го со највредниот светски клупски трофеј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.