Тотенхем и натаму без победа на Вембли, „шестка“ на Сити

Фудбалерите на Тотенхем нуту во третиот обид не успеаја да остварат лигашка победа на „Вемлби“ откако во средбата од петтото коло на англиското фудбалско првенство одиграа без голови против Свонси Сити, а саботната програма ја одбележа високата победа на Манчестер Сити.

Тотенхем поради градење на нов стадион оваа сезона игра како домаќин на „Вембли“, меѓутоа овој легендарен и најголем фудбалски стадион во Англија засега не му носи среќа.

Лондонските „Спарси“ во првиот дуел на овој стадион загубија од Челзи со 1:2., а потоа и ремизираа со Барнли (1:1) и сега повторно против Свонси Сити (0:0). Единствената победа оваа сезона во првенството Тотенхем ја оствари на гостувањето на Евертон од 3:0.

Екипата на Маурисио Покетино против Свонси имаше неколку одлични шанси. Домапните играчи упатија 28 удари кон противничкиот гол, имаа и 11 корнери, и дури 75 отсто од поседот на топката, но не успеаја топката да ја спроведат во мрежата.

Во претходно одиграниот меч фудбалерите на Манчестер Сити уверливо на гостувањето го совладаа Ватфорд со 6:0. Сити постигна по три гола во секое полувреме. Јунак на средбата беше тројниот стрелец Серхио Агуеро, во 27, 31 и 81 минута, а меѓу стрелците се впишаа и Габриел Жезус во 38, Николас ОТаменди во 63 и Рахим Стерлинг во 89 минута од пенал.

Екипата на Пеп Гвардиола во првите пет кола постигна дури 16 голови и се наоѓа на врвот на табелата со 13 бодови.

Вест Хем на гостувањето кај Вест Бромвич Албион одигра 0:0 врзувајќи два натпревара без пораз откако минатата коло го победија дебитантот во Премиер лигата Хадерсфилд Таун.

Ливерпул на својот „Енфилд“ одигра скромни 1:1 против Барнли. Гостите поведоа во 26 минута со голот на Скот Ергилд, а четири минути подоцна изедначи Мохамед Салах. „Редсите“ во продолжувањето имаа низа шанси, но не успеаја да го постигнат вториот гол.

Во саботата ремизираа и Хадерсфилд Таун и Лестер Сити. Домашните поведоа преку Депоатре на самиот почеток од второто полувреме, а четири минути подоцна од пенал изедначи Варди.

Њукасл Јунајтед со 2:1 го совлада Стоук Сити. Атсу во 19 минута ги доведе домашните во водство, Шаќири изедначи во 57 минута, а Њукасл славеше со голот на Ласкеле во 68 минута.

Кристал Палас беше совладан пред своите навивачи од Саутемптон со голот на Дејвис уште во 6 минута од натпреварот.

На табелата води Манчестер Сити со 13 бодови, три повеќе од градскиот ривал Манчестер Јунајтед кој во недела се среќава со Евертон. На третото место е Челзи со 9 бодови и меч помалку, утрешното лондонско дерби со Арсенал. Четвртото и петтото место ги заземаат Њукасл Јунајтед со 9 и Тотенхем со 8 бодови.