Колумни

Спортот, младите и Македонија

Спортот, младите и Македонија

Започна светското првенство во ракомет, на кое учество ќе земе и нашата Македонија. Лазаров, Мојсоски, Манасков, Стоилов, Миркуловски сите во поход на светската титула. Следните 15-тина дена ќе бидат исполнети со многу моменти на возбуда, радост, а за жал можеби и тага. Но, и покрај се што ќе се случува на светското првенство, ние остануваме да ја бодриме нашата репрезентација до крај. Велат „Победата има сто татковци, а поразот е сираче“, но оние момци, кои лавовски се борат на теренот за Македонија, секогаш ќе ја имаат поддршката од македонските патриоти, па макар и губеле.

Вообичаено, кога ќе стане збор за спортот, првата помисла што му доаѓа на просечниот човек е забава, хоби. Но, спортот е многу повеќе од тоа, суштински тој претставува начин на живот. Спортот како игра или како физичка активност, зазема значајно место во секое општество, бидејќи ги учи најмладите на вистинските вредности, на соработка и меѓусебна почит. Ги учи на фер-плеј, на чесна борба, тимска игра, помош на послабиот од тебе, на споделување на победите, но и прифаќање на поразите. Активно ја врежува во нив важноста на вредностите, како искреноста, почитта кон себеси и кон другите, но и приврзаноста кон правилата и почитување на нивната важност. Покажува како да се справат со конкуренцијата, како да изградат меѓусебно разбирање, дисциплина, толеранција, тимска работа и лидерство. Ги учи на суштината на животот, да се бориш и да подадеш рака на поразениот, но и да бидеш поразен, а да не ја наведнеш главата и да се предадеш. Мноштво од суштинските вредности вродени во спортот се компатибилни со принципите неопходни за развој на општеството, како фер играта, соработката, споделувањето и почитта. Животните вештини научени преку спортот им помагаат на луѓето да станат посилни, но и да ја подобрат својата психо-социјална состојба, својата флексибилност, самодоверба и поврзаност со другите членови на општеството. Ги обединува индивидуите и заедниците, создавајќи мост помеѓу културните и етничките разлики.

Од сето тоа може да се види дека спортот е круцијална компонента на социјалниот живот, директно поврзувајќи ги различните заедници. Ги обединува луѓето на забавен и партиципаторен начин, помага да се изградат социјални врски,  гради конекции и ја подобрува комуникацијата помеѓу индивидуите и групите, но и создава активна општествена вклученост, засилувајќи го социјалното ткиво.

Нашата нација е секогаш гладна за победи без разлика на големината на противникот, впрочем тоа е одлика што и одамна се врежува низ нашиот код. Безкомпромисот во желбата за победа е можеби една од најважните компоненти кои го сочинуваат постулатот на Македонизмот.

Спортот во нашата земја има интересна аура. Секогаш кога игра нашата репрезентација во било кој спорт се јавува една специфична еуфорија и сите процеси се спојуваат во еден процес, процес кој ќе ја обои целата држава во црвено-жолта боја,  а во оваа ситуација во кој целата држава ќе „oтчукува“ во тактот на движењето на ракометната топка.

Во следните 15-тина денови овие момци ќе успеат да ги обединат сите граѓани и да го разбудат она чувство на гордост секој пат кога ќе засвири химната или кога ќе се појави нашето знаме и познатата „фаланга“ во кадарот, кога нашите репрезентативци ќе ги прославуваат головите или кога заедно со голманите ќе се радуваме на одбранетите шутови. Секаде каде што ќе има пренос ќе одекнуваат навивачки песни и ќе се скандира името на нашата Држава. Гордо и достоинствено, храбро и гласно. Онака како што ни доликува на нам.

Лично, посакувам оваа еуфорија да трае цела година, а не само кога ќе има вакви настани. Потрудете се ова чувство на гордост да ни трае долго и нека остане во вас Македонецот кој ќе го „разбудите“ сега.

Ќе има и такви кои ќе се гордеат на победите, и ќе негодуваат на репрезентацијата на секој можен пораз. Ќе има и такви кои ќе навиваат повеќе за некоја странска репрезентација, девалвирајќи ја македонската. И такви кој ќе ги анализираат навивачките песни и ќе се потсмеваат на „Гоцевата раса“.

Да им ја дадеме максималната поддршка на нашите спортисти. Да се радуваме на нивните победи, но и да ги поддржиме во сите останати ситуации. Да научиме од нив како се бранат државните бои и како се остава „срцето на терен“. Како се трпат ударите и неправдите, но желбата за успех постојано ги носи напред. Индивидуалните чувства на болка, разочарување, замор и последните атоми од нивната сила ги вложуваат за нашата среќа. Му покажуваат на светот каков е Македонецот. Целата енергија да ја вложиме во желбата повторно да ги дочекаме онака како што заслужуваат. Победнички.

Авторот е член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ