Спортска пензија доби Стеван Крстески

Во Владата на Република Македонија денеска беше доделена државната награда „8 Септември “ за 2014 година од областа на спортот. Добитници на државната награда за спорт се Ристо Дарлев, Ленче Алексовска Величковска, Мирослав Петровиќ, Бојан Ангелов, а наградата за животно дело ја доби Стеван Крстески.

Ристо Дарлев како тренер е најзаслужен за освојувањето на третото место и освојувањето на бронзениот медал од Олимписките игри во Сиднеј 2000 година.

Професорката на Факултетот за физичка култура, Ленче Алексовска во својата професионална кариера била спортски психолог и придонела во освојувањето на златните медали на Европските првенства на Наташа Илиевска, Берат Јакупи и Емил Павлов.

Мирослав Петровиќ како тренер е најзаслужен за освоените олимписки медали на Аце Русевски и Реџеп Реџеповски.
Под раководство на Бојан Рангелов, борачот Шабан Трстена освои прво место и се закити со златен медал на Европското првенство во Познан Полска во 1990 година.

Носителот на државната награда за Животно Дело Стевен Крстески, во својата долгогодишна кариера има тренирано и е најзаслужен за освоениот прв златен медал на Бранислав Јовановски з во категоријата воздушен пиштол 10 метри на Параолимписките игри во Шпанија 1992 година каде Крстевски бил селектор на репрезентацијата.

Исто така Крстевски беше тренер и на Ванчо Каранфилов на Параолимписките Игри во Атина 2004 година каде освои сребрен медал во категорија воздушен пиштол 10 метри и на Оливера Наковска Бикова на Параолимписките Игри во Лондон 2012 година каде Оливера се стекна со златен медал во во категорија воздушен пиштол 10 метри.

Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на 10 просечни плати во Република Македонија.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески на доделувањето на наградите рече дека симболот на независноста на нашата држава недвосмислено кореспондира со крајната цел на секој спортист – победата.

– Денешниот празник е прослава на победата, а токму таа е лајв-мотив на спортистите и спортските работници.

Не случајно пред три години токму на историски најзначајниот ден во РМ – 8 Септември, се воспостави државната награда за спорт со која државата ја валоризира вредноста и ја искажува својата благодарност до сите оние кои преку спортот успеаја да ја промовираат Македонија и да постигнат високи спортски резултати на меѓународно поле, истакна Спасески.

Тој рече дека е посебно горд што помеѓу овогодинешните добитници на ова највисоко признание има и тренери и селектори кои се од исклучителна важност за секој спортист и спортски тим, како и спортски психолози кои во клучни моменти од натпреварувањата се од огромна поддршка за спортистите.

Претседателот на Одборот за доделување на наградата Зоран Радиќ честитајќи им на добитниците потсети дека на конкурсот за државната награда кој бил распишан од 19 април до 19 мај аплицирале 15 кандидати за признанието за остварувања во областа на спортот и четворица за животно дело.

Ленче Алексовска Величковска изразувајќи благодарност за доделената награда, рече дека тоа ќе и биде поттик и понатаму да работи со врвните спортисти на кои им го посветува ова признание. – Спортот значи дисциплина и ако делуваме тимски ќе има успех, бидејќи позади успешните спортисти стои експертски тим, рече Алексовска Величковска.

На доделувањето на наградата присуствуваа претседателот и членовите на Одборот за доделување на државната спортска награда „8 Септември“, претставници од националните спортски федерации, од Македонскиот олимписки комитет, спортисти и спортски работници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.