Спортски игри по повод Ден на АРМ

Финалните спортски натпревари, на кои ќе учествуваат 250 припадници на армијата беа отворени денес. Игрите традиционално се организирани како дел од програмата за одбелеување на Ден на АРМ, 18. август.

Во досегашните натпреварувања кои се одржаа во сите гарнизони на АРМ низ државава учествуваа над 1.500 припадници.

Спортот е значаен фактор во армиската обука и физичката подготвеност, но и во развивањето на натпреварувачкиот дух кој придонесува за подобро извршување на армиските борбени задачи, истакна на отворањето на игрите заменик-началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини.

Спортските натпревари традиционално се одржуваат секоја година во рамки на одбележување Ден на АРМ. На најуспешната единица на свеченото постројување за Денот на Армијата, кое оваа година ќе биде на 17 август, ќе и се додели преоден пехар, а најуспешните екипи и спортисти ќе добијат пригодни награди.

Армијата помага во справувањето со напливот мигранти на граничните премини

Заедно со полицијата, АРМ ќе помага во справувањето со бранот бегалци. Таа е ангажирана на јужната и северната граница, како и по должината на Коридорот 10 каде најчесто транзитираат мигрантите.

Иванов при неодамнешната посета на преминот Богородица рече дека ние како држава сочуствуваме со судбината на овие луѓе кои состојбите во нивните земји ги натерале да ги напуштат домовите.

Затоа, нагласи претседателот, им излегуваме во пресрет и им помагаме за сето она што им е неопходно додека транзитираат низ Македонија.

Од промените кои ги имавме на Законот за азил досега евидентирани се преку 14.000 мигранти. Неопходно ќе биде на полицијата да и се излезе во пресрет, бидејќи има потреба од дополнителни ангажмани со оглед дека во овој дел станува збор за околу 50 километри гранична линија каде што претежно бегалците доаѓаат од Грција во Македонија. Јас како претседател и Владата мора да преземеме активности. Армијата ќе биде ангажирана да го обезбеди овој дел од границата што го спомнав од околу 50 километри на јужниот дел, но и да се обезбеди северниот дел кај Табановце. Исто така, треба да се помогне на полицијата во обезбедување на Коридорот 10 преку кој транзитираат сите бегалци, изјави тогаш претседателот Иванов.

Тој посочи дека сите мерки што ги преземаат македонските власти се во согласност со мерките што ги презема ЕУ.

Како држава  ќе ги следиме сите мерки и активности што ги преземаат членките на ЕУ и нашите активности ќе соодејствуваат со нивните активности. Така што се што ќе биде од нивна страна преземено мора ние да го преземеме, бидејќи во последно време има закани од насилен екстремизам и радикализам од Блискот Исток и од северна Африка. Кога станува збор за националната безбедност ние како држава мораме да ги преземе сите мерки и активности кои би превенирале несакани дејствија, изјави своевремено претседателот Иванов.

 

 

На десетти минатиот месец беше одбележан Денот на воздухопловната бригада на АМР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.