Спортски лекар во САД осуден на 175 години затвор за сексуално злоставување

Долгогодишниот лекар на американската репрезентација во гимнастика, Лари Насар, е осуден во средата на 175 години затвор поради сексуално злоставување на млади гимнастичарки коишто сведочеа со денови пред судот, околу 160, вклучително и добитнички на медали на олимписките игри.

„Штотуку го потпишав налогот за извршување на вашата смртна пресуда“, изјави судијката Розмари Аквилина при изрекувањето на казната. Аквилина го отфрли извинувањето коешто 54-годишниот Лари Насар им го понуди на жртвите и му предочи дека ќе мора да ги обесштети.

Насар ланскиот ноември ја призна видната по седум обвиненија за сексуален напад од прв степен во округот Ингам, и за три обвиненија во округот Итон, каде што казната ќе му биде изречена следната седмица. Покрај тоа, спортскиот лекар веќе отслужува казна од 60 години затвор во сојузен затвор, којашто му е изречена поради детска порнографија.

Покрај тоа што работел за олимписките тимови, Насар беше и лекар на екипата гимнастичарки од државниот универзитет Мичиген.

Националниот спортски сојуз соопшти во вторникот дека отворил истрага за тоа како сојузната држава Мичиген го истражувала овој случај. Рејчел Денхоландер, првата жена којашто јавно проговори во 2016 година за злоставувањата од страна на Насар, го критикуваше универзитетот бидејќи задоволително не ги истражил обвиненијата против спортскиот лекар.

И самите жртви, и поголем дел од јавноста, ја критикуваа американската гимнастичка организација бидејќи со години ги игнорирала поплаките, но го обвинија и Американскиот гимнастички сојуз дека настојувал да ја минимизира важноста на поплаките за да избегне негативен публицитет. Во понеделникот поради тоа оставки поднесоа три члена на управниот одбор, а претседателот на сојузот и извршниот директор оставките ги поднесоа уште минатиот март.

Неколку големи компании објавија дека повеќе нема да го спонзорираат гимнастичкиот сојуз на САД, а меѓу нив и е телекомуникацискиот гигант „AT&T“, кој оваа одлика ја објави во вторникот.