Спречен обид за шверц на марихуана, откриена измама и запленети пари

шверц

Задржани се следните производи:

Девизи

– 6.200 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на турски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул. Во џебовите од панталоните на патникот биле пронајдени 16.200 евра за кои не поседувал документ за потекло или потврда за пријавени готови пари при влез во Република Македонија. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

– 3.950 евра, откриени при личен претрес на двајца македонски државјани кои со германски автомобил се пријавиле за излез од државата, на граничниот премин Дојран. Во џебовите од панталоните на едниот патник биле пронајдени 4.950 евра, а кај другиот патник, исто така во џебовите од панталоните, биле пронајдени 3.000 евра, за кои не поседувале документ за потекло.  Согласно законските прописи, на двајцата патници им биле вратени по 2.000 евра, износ што резиденти може слободно да го изнесат од државата. Против двајцата патници се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

– 3.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во паричникот на патникот, пронајден во заден џеб од неговите панталони, биле пронајдени 5.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резиденти може слободно да го изнесат од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

Алкохолни пијалаци и цигари

– 11,2 литри виски (16 шишиња од 700 ml) и 9,8 литри водка (14 шишиња од 700 ml) без акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски  државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените пијалоци биле пронајдени во 5 картонски кутии, сместени во багажниот простор, помеѓу други лични работи на возачот. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 9 штеки цигарибез акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил, со кој за влез во државата  на граничниот премин Богородицасе пријавиле двајца сопружници, грчки државјани. Непријавените цигари, пронајдени во багажниот простор на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Свеж зеленчук

– 8.889 килограми свежи домати и краставици, откриени при контрола на македонски камион – ладилник, натоварен со свеж зеленчук со потекло од Грција, пријавен за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. При извршената контрола, царинските службеници откриле 456 гајби со 4.492 килограми свежи домати и 274 гајби со 4.397 килограми свежи краставици, кои увозникот, фирма од Скопје, не ги опфатил со увозната царинска декларација. Непријавената стока е привремено задржана а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Алати, автоделови и регистарски таблички

– 2 нови електрични циркулари, марка Einhell clasic, и употребувани ламела и менувач за патнички возила Mercedes, откриени при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, сопственост на патник во возилото, македонски државјанин, биле пронајдени под седиштата на возилото, покриени со багажот на патниците. Производите се привремено задржани а против сопственикот ќе биде поведена соодветна постапка.

– комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајни дозволи, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на  граничниот премин Делчево. Табличките и сообраќајните дозволи, пронајдени позади совозачкото седиште, припаѓале на патничко возило RENAULT MEGANE SCENIC, за кое возачот изјавил дека го продал во отпад во Куманово. На тој начин возилото било пуштено во слободен промет без претходно да биде ставено во пропишана царинска процедура и без да бидат платени увозни давачки за истото. За сторениот царински прекршок, против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Омекнувач за вода

– 60 килограми (2 канти) средство за омекнување на вода, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Непријавената стока, пронајдена во багажникот на возилото, е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Облека и паричници

– 79 парчиња облека (јакни, елеци и панталони) и 150 паричници, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус, кој сообраќал на релација Солун – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Непријавените производи биле пронајдени во 5 најлонски кеси, сместени позади седиштата на кои седеле двајца македонски државјани, кои се пријавиле како сопственици на истите. Против двајцата патници ќе бидат поднесени барања за поведување на прекршочни постапки.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 720 пара женски и машки спортски обувки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени  при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Пазарната вредност на сомнителните производи е проценета на околу 1,8 милиони денари, доколку би се продавале како оригинални.

Обувките се привремено задржани и согласно Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Измама

Во царинската испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Увозник од Гевгелија пријавил за увозно царинење чоколади полнети и неполнети, меѓу кои и чоколада Milka Noisette 100 g, декларирани во тарифна ознака со пропишани стапка зацарински давачки 9%, царинска давачка по единица мера 6,45 денари по килограм (прелевман) и стапка за ДДВ од 5%.Поради сомневање во правилното декларирање на чоколадите Milka Noisette 100 g, била земена мостра и испратена за анализа во Царинската лабораторија. Од извршените анализи констатирано е дека предметните чоколади треба да се распоредат во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од15%,  царинска давачка по единица мера 5,22 денари по килограм (прелевман) и стапка за ДДВ од 5%.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 15 илјади денари. Покрај тоа изготвен е записник за тарифна ознака и спроведена е прекршочна постапка со мандатна казна против увозникот.

Марихуана

Царинските службеници од Одделението за оперативни работи спречија обид за криумчарење на 3,5 грама марихуана. На 13.02.2017 година на граничниот премин Блаце за влез во државата се пријавил бугарски автомобил, со кој патувале еден бугарски и еден албански државјанин. При контрола на возилото, во торба со храна сместена позади возачкото седиште била пронајдена најлонска кеса со непозната зелена тревкаста материја, со маса од околу 3,5 грама, за која со помош на тестер за дрога било утврдено дека се работи за марихуана. Случајот е предаден на Одделението за истраги за понатамошно постапување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.