Спречен обид за увоз на забрането дизел гориво

На царинската испостава Струга, царинските службеници спречија обид за влез на дизел гориво за кое постои забрана за увоз.

Како што информираат од Царинската управа, фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење 27.514 кг гориво Еуро Дизел 10 РРМ.

„Поради сомневање во декларираниот состав на горивото, царинските службеници зедоа мостри и истите ги испратија на анализа во царинската лабораторија, со цел правилно утврдување на хемискиот состав и количината на сулфур во горивото“ , соопштуваат од Царинската управа.

Добиените резултати покажале дека горивото содржи процент на сулфур од 0,0016%, што го надминува дозволениот процент од 0,001%, а царинската испостава Струга забрани увоз на горивото во Република Македонија. Против увозникот ќе биде поведена соодветна прекршочна постапка.