Македонија,Крими хроника

Спречен шверц на два килограми херион

Спречен шверц на два килограми херион

На граничниот премин Богородица царинските службеници синоќа спречија обид за шверц на околу два килограми хероин.

Околу 04 часот и 30минути на граничниот премин Богородица за влез во државата се пријави автобус сопственост на турската превозна компанија „Јадран Туризам“ со турски регистарски ознаки кој сообраќа на редовна линија Истанбул – Струга, со 43 патници. Автобусот бил селектиран за детална контрола, при која во багажниот простор во црна патна торба со дупло дно, царинските службеници пронашле 4 црни кеси обвиткани со селотејп, наполнети со кафеава прашкаста материја со вкупна тежина од околу 2 килограми која на тестер за наркотици „NIK“ покажала дека се работи за наркотична дрога хероин. Никој од патниците не се јави како сопственик на торбата.

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, во координација со Основното јавно обвинителство – Велес, веднаш се преземени активности за пронаоѓање на сопственикот на дрогата и за утврдување на сите факти и докази во врска со кривичното дело.

Од спроведените предистражни мерки, инспекторите открија дека торбата со дрога им припаѓа на двајца македонски државјани со иницијали Д.Џ. (39) и А.Д. (51), кои по претходен договор и план за пренос на дрога, отпатувале во Истанбул каде набавиле околу два килограми хероин и имале намера прво да го пренесат во Македонија, а потоа да го транспортираат во Швајцарија каде требало да го продадат. Во Истанбул, Д.Џ. заедно со уште едно лице – турски државјанин ја спакувале дрогата и ја сместиле во црна патна торба со изработено дупло дно. Македонските државјани потоа со автобус заедно со дрогата тргнале кон Република Македонија, но на граничниот премин Богородица беа откриени од страна на Царинските службеници.

Осомничените се лишени од слобода и предадени во Основниот суд Велес, а Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничените поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Судија во претходна постапка на двајцата осомничени им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.