Македонија,Политика

Спречена прес конференција на „Виножито” во Солун

Спречена прес конференција на „Виножито” во Солун
Неколку часа пред почетокот на прес конференцијата, кога се беше веќе подготвено, претставниците на „Виножито” беа телефонски информирани од страна на одговорните во конференциската сала дека го откажуваат настанот и можноста за користење на салата, иако претходниот ден телефонски потврдија дека може да се користи, соопштија од партијата на Македонците во Грција „Виножито”, откако беа оневозможени да одржат прес конференција за впечатоците од минатонеделните избори во земјата.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Грција, одговорните во салата тврделе дека поради административни причини не може да дозволат да се одржи настанот, на кој што присуствуваа и тројца грчки новинари од печатените медиуми.
Од „Виножито” и претходно изјавија дека изборите во Грција, традиционално, не минаа како слободни, фер и демократски.
Некоректниот однос кон нив беше креиран од страна на државата и на телевизиските медиуми кои што имаа законска обврска за бесплатно политичко рекламирање.  Нерегуларности имало и на самиот ден на гласањето.
Гласачките ливчиња на „Виножито” ги немало во минумум 150 избирачки места, а истото се случувало и со луѓето што сакале да гласаат за партијата во странство, бидејќи во амбсадите немало наши гласачки ливчиња, вели еден од кандидатите на „Виножито” на овие избори, Јоргос Пападакис.
„Во поранешна општина Овчарани имавме други проблеми. Таму влијаеле грчките бизнисмени и пратичкно им се заканувале на нашите луѓе дека не треба да гласат за Виножито, а дека ако гласаат можеби ќе ја загубат својата работа”, вели Пападакис за Нетпрес.
Од „Виножито” изразуваат задоволство поради фактот што и покрај сите притисоци , уцени и нерегуларности, партијата бележи пораст на рејтингот од 30 проценти.
Уште повеќе радува фактот што двете партии што се залагаат за малцинските права во Грција, Македонската и Турската, заедно освоија спектакуларен број гласови.
„Прв пат во Грција се случува толку многу луѓе да гласаат за правата на малцинствата“, вели за  Абдулахим Деде од турското малцинство во Грција, новинар во весникот „Гласот на Тракија”.
” Ова е голема и силна порака. Ако се додадат и гласовите на партијата на етничките Македонци “Виножито” тогаш заедно имае околу 50000 – 55000 гласови што е многу силна порака и до Атина и до Брисел. Сега и Атина и Брисел нека го чујат гласот на малцинствата”, вели Деде.Иако двете партии во моментов немаат официјална соработка, според него таквата можност не се исклучува за блиска иднина. Вели дека првиот чекор е направен и наскоро очекува еден заеднички состанок на двете партии на кој што би се утврдила агендата што ќе и се достави на грчката Влада во однос на дилемите со кои што се соочуваат малцинствата.