Спречени три бомбашки напади во Истанбул

Во истанбулскиот кварт Фатих денеска избувна експлозивна направа, а во инцидентот нема настрадани, додека уште две рачно изработени бомби се пронајдени во квартовите Матепе и Султангази, јавуваат турските медиуми.

Во Фатих непознати лица поставиле експлозивна направа до трафостаница. Бомбата експлодирала, но за среќа нема жртви, ниту ранети. Според првичните информации од полицијата бомбата била со мала моќност.

Во квартот Малтепе непознати лица поставиле во близина на полициска станица сомнителен пакет, во кој имало рачно изработена бомба.

Деминери извршиле контролирана експлозија на бомбата. На пакетот било испишано „Вие ќе одговарате за Џизре“. Станува збор за градот Џизре во округот Шарнак, кој е населен претежно со Курди, каде неодамна 12-годишно момче беше убиено под се уште неразјаснети околности за време на судири меѓу силите на редот и симпатизери на Курдската работничка партија (ПКК).

Во квартот Султангази две маскирани лица оставиле сомнителен пакет на автобуска станица. При проверката на експертите било утврдено дека во пакетот имало голема боца со гас со детонатор. На пакетот била испишана кратенката на младинскиот огранок на ПКК.

Во тек е истрага за трите инциденти.