Спротиставени информации за уривањето на египетскиот Ербас А320

Причините за несреќата на „Ербасот А320“ на авиокомпанијата „Иџипт Ер“, кој со 56 патници, од кои 15 француски државјани, и 10 членови на екипажот, на 19 мај се урна во источниот дел на Средозменото Море, и натаму остануваат непознати.

Ден по несреќата египетската Влада ја објави тезата дека авионот бил цел на напад, но досега ниту една организација не презеде одговорност за евентуален напад.

Од друга страна, воздухопловните власти повеќе се наконети на тезата дека станува збор за технички проблем на авионот.

Според француската националната телевизија Франс 3, како што јави дописникот на МИА од Париз, „Ербасот“ бил принуден три пати да се врати и да слета принудно во последните 24 часа пред несреќата.

Според телевизијата, системите за тревога сигнализирале проблеми на авионот, кои биле пријавени на трите аеродроми каде „Ербасот“ слетал, по што наводно биле извршени контроли на авионот, но не биле пронајдени никакави дефекти и тој продолжил со летовите.

Ваквата информација меѓутоа е демантирана од повеќе извори,

Претставник на компанијата производител на авионот, „Ербас“ за „Фигаро“ тврди дека не добиле никаков знак за ларм од леталото на „Иџипт Ер“. Кога на еден авион ќе биде забележан проблем, тој е прикован на пистата се додека не биде најден дфектот, посебно по ургентно слетување, вели истиот извор.

Одговорот е можеби во црните кутии на „Ербасот А320“, чиј сигнал бил забележан од опремата инсталирана на воени бродови, кои се во потрага на авионот. Зоната на пребарување во Средоземното Море сега е сведена од пет на два километри, но според францускиот министер за транспорт Алан Видалис ќе бидат потребни околу осум дена за да се најдат и извадат црните кутии.

Црните кутии вообичаено емитуваат сигнали четири до пет недели по падот на авионот.