„Спутник“: Македонија ќе предложи влез на Косово во УНЕСКО?!

Македонската Влада подготвила предлог за поддршка за зачленување на Косово во УНЕСКО и тоа е една од причините поради која српското Министерство за надворешни работи го повлече персоналот од Амбасадата во Скопје на итни консултации, јави „Спутник“, повикувајќи се на свои, добро информирани извори.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска, по повод ситуацијата со амбасадата на Србија во Македонија, дека „не станува збор за мала работа“ и оти таа имала консултации со претседателот на државата Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Таа, пред новинарите во Владатата на Србија, најави дека наскоро ќе биде лиферувано соопштение од Министерството за надворешни работи, на кое во моментов, како што рече, „заеднички се работи“, пренесува Танјуг.

Македонското Министерство за надворешни работи се уште нема официјална информација од Белград зошто се повлечени дипломатите и вработените од Амбасадата на Србија во Скопје.  Согласно релевантните одредби на Виенската конвенција за дипломатски односи, се преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на Амбасадата на Република Србија во Скопје.