Србија, Австрија и Унгарија потпишаа меморандум за заштита на границите

Министрите за внатрешни работи на Србија, Австрија и Унгарија, Небојша Стефановиќ, Јохана Микл-Лајтнер и Шандот Пинтер, потпишаа денеска во Будимпешта Меморандум за соработка и заштита на границите.

Договорот предвидува заеднички патроли на српско-унгарската, односно српско-македонската граница, интензивирање на групите за борба против организираното префрлување мигранти, како и воспоставување посебни пунктови за контакт во сите три земји.

Министрите за внатрешни работи побараа од ЕК поголема финансиска поддршка и за Фронтекс, како и зајакнување на фокусот на балканската, наместо медитеранската рута.

Микл-Лајтнер рече дека непрекинатиот бран мигранти во Австрија довел до преоптовареност на границата.

Таа укажа дека досега 40.000 лица се опфатени со програмата за помош на мигранти, и оти се очекува бројот да се искачи на 70.000.

Стефановиќ рече дека Србија сака да преземе дел од товарот кога станува збор за мигрантите.

Унгарија во изминатите недела беше во фокусот на интерес на меѓународната јавност со најавата за подигнување ограда од четири метри на границата со Србија, како и со најавата да ја прекине примената на Даблинскиот договор, што би значело дека Будимпешта не би прифаќала мигранти кои би ги протерале други земји, а кои по првпат зачекориле на тоа тло на ЕУ токму во Унгарија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.