Балкан

Србија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН

Србија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН

Српската Влада ќе побара одржување на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации поради синоќешните најави за формирање на армија  на Косово и влошување на безбедносно политичката ситуација на Косово, изјавил министерот задолжен за Косово и Метохија, Александар Вулин.

Тој изразил длабока загриженост поради влошувањето на безбедносно политичката ситуација на Косово и Метохија, почнувајќи од каменувањето на српските аџии во Ѓаковица, па до забраната за влез на граѓани од Србија во Косово, за што, како што рекол Вулин, се уште немало јасна и одредена осуда, пишува Танјуг.

Вулин изјавил дека најавата за реорганизација на косовските безбедносни сили во косовска војска треба да ја загрижи целата меѓународна заедница.

„Тоа е неприфатливо и спротивно на резолуцијата 1244, во која јасно се вели дека не може да постои војска на Косово и Метохија. Тоа е територија под управа на ОН и може да постои само една вооружена сила, а тоа е КФОР”, порачал Вулин на конференција за медиуми во четврток во српската влада.

Тој истакнал дека владата бара итна седница на Советот за безбедност на тема почитување на Резолуцијата 1244 и најновите случувања на Косово.

Насилството што, според него, станало секојдневие на Косово, е насочено кон Србите.