Србија доби невозможни услови за отворање на преговорите со ЕУ

Србија од Берлин доби 11 речиси невозможни услови за отворање на преговарачките поглавја и продолжување на преговорите со ЕУ.

За Белград овие услови се речиси невозможни за исполнување, бидејќи многу од нив го засегаат статусот на Косово и фактички ја поддржуваат неговата независност, пишува белградскиот весник „Вечерње новости“.

Меѓу овие 11 услови се прифаќањето на статусот на Сојузот на српски општини во согласност со косовските закони, учество на Приштина во сите регионални форуми, прифаќање на косовските пасоши на границата со Србија и изградба на квалитетни згради на граничните премини.

Белград веќе почнал широка дипломатска акција за што е можно побрзо да се преформулираат бриселските препораки и што поскоро да се отвори првото преговарачко поглавје.

Доколку Србија го исполни сето тоа што од неа се бара, а за што постојат мали шанси, европските лидери уште на Европскиот совет во текот на овој месец може за крајот на јануари да го закажат одржувањето на новата меѓувладина конференција, на која ќе се отвори поглавјето 32 за финансиската контрола и поглавјето 35 што се однесува на Косово, пишува весникот „Вечерње новости“ во текстот под наслов „Берлин ни постави 11 услови“.