Србија: Истрага за обидот за прислушување на Вучиќ

Воено-безбедносната агенција (ВБА) во Србија спроведува истрага за обидите за прислушување на премиерот Александар Вучиќ за време на состанокот на Трилатералната комисија во хотелот „Краун плаза“ во саботата, изјави српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ.

– ВБА по службена должност покрена истрага. Ќе утврдиме кој се обидел тајно да го снима и прислушува Вучиќ во салонот, каде требаше да има состаноци со државници и бизнисмени. Доказите ќе му ги предадеме на надлежното обвинителство, истакна Гашиќ.

Во истрагата е вклучено и Обвинителството.

Весникот „Вечерње новости“ наведува дека припадниците на Контрадиверзискиот тим на Министерството за одбрана откриле скриена камера и микрофон во салонот „Адриатико“, во кој Вучиќ имал повеќе средби по состанокот на Трилатералната комисија.