И Србија ќе праќа пензионери на бесплатна бања

Македонија во изминативе неколку години успешно го реализира проектот Бањско-климатска рекреација на пензионерите, а следејќи го примерот српскиот Фонд ПИО денеска ги повика пензионерите во рок од 15 дена да се пријават за бесплатна десетдневна рехабилитација во една од 25-те бањи.

Право да се пријават на овој конкурс имаат српските пензионери од категориите, вработени, самовработени и земјоделците чии пензии за февруари 2016 година изнесуваат помалку од 23.463 динари, кои немаат други лични примања и не користеле бесплатен одмор на сметка на Фондот во последните пет години. Во бесплатната рехабилитација вклучени се транспортните трошоци, а Фондот ќе ги сноси трошоците за придружникот на дете кое користи семејна пензија по основ неспособност за самостојна работа и живеење.

srbija-benzioneri

За друштвениот стандард на пензионерите Фондот ПИО во 2016 година обезбеди 360,96 милиони динари, што е 0,1 отсто приходи остварени од придонесите, а најголемиот дел 93,3 отсто е наменет за бесплатна рехабилитација во бања.

Проценките се дека на рехабилитацијата ќе заминат околу 12.000 српски пензионери.

Во Македонија пак, проектот бесплатна бањско-климатска рекреација на пензионерите започна да се имплементира од 2010 година и заклучно со 2015 година услугите од овој проект ги искристиле 32.632 корисници на пензија.

Услуга опфаќа 6 полни пансиони, ноќевање со три оброка дневно, бањска терапија, здравствен преглед и трошоци за превоз. Овој проект во Македонија продолжува и во 2016 година.