Србија ќе го забрани кварцањето за малолетници

Во Србија наскоро ќе се забрани употребата на солариум за малолетни лица, пишува српски „Курир“.

Како што пишува весникот, група дерматолози на 11-ти мај во рамки на кампањата „Еуромеланом“, ќе даде вавок предлог до Собранието на Србија, а доколку биде усвоен од страна на пратениците помладите од 18 години веќе нема да можат вештачки да добијат потемен тен, додека постарите тоа би го правеле на сопствена одговорност, со претходно предупредување за сите ризици по здравјето.

Српските експерти решиле да ја покренат оваа иницијатива затоа што солариумите емитуваат големи количини УВА зрачење, што значително го зголемува ризикот за заболување од меланом, најсмртоносниот облик на рак на кожата. И статистичките податоци се поразителни: секој ден во Србија од меланом умира по едно лице. Ова е инаку еден од најагресивните облици на тумор, затоа што брзо метастазира и се шири на другите органи.

Предолгото изложување на УВ зраците во солариумот може да предизвика оштетување на ДНК во ќелиите на кожата, а шансите за добивање на рак на кожата се зголемуваат за 75 отсто.

Исто така, со текот на времето кожата станува погруба, набрана и сува.

Доколку не се користат заштитни наочари во солариум, можен е развој на катаракта.

Досега голем број земји го забранија користењето на солариум за малолетни лица.