Србија може да смета на 30 милиони евра помош од ЕУ

На синоќешната меѓународна донаторска средба во Белград, каде премиерот на Србија, Александар Вучиќ, го покани целиот дипломатски кор, се зборувало за штетите кои настанале од поплавите и кои се проценуваат на скоро милијарда евра, како и за помошта која Европската Унија (ЕУ) е подготвена да ја даде, а која изнесува 30 милиони евра.

Премиерот Вучиќ, на состанокот ги информирал дипломатите дека штетата ја преминала сумата од 174,5 милиони евра, средства кои Србија може да ги користи од Фондот за солидарност на ЕУ. Во директното вклучување, за време на состанокот, на британската телевизија, Скај њуз, Вучиќ, истакнал дека штетата изнесува околу милијарда евра.

„Би се осудил да кажам дека имаме штета од околу милијарда евра. Освен парите кои ќе ги добиеме од Фондот за солидарност, потребно е да изнајдеме и сопствени финансиски средства за поправки и обнова на Србија. Затоа ги замолувам сите луѓе во светот да ни помогнат на било кој начин, во лекови и хуманитарна помош“, рече Вучиќ.

Вучиќ дипломатите ги информира дека проценката на штетите ќе биде чесна и одговорна.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Мајкл Девенпорт, рече дека Србија може веднаш да смета на интервентна финансиска помош од ЕУ во висина од 30 милиони евра за санација на теренот. Тој додаде и дека ЕУ за Србија ќе обезбеди и краткорочни финансиски средства за обнова на куќите и инфраструктурата, како и дека точната дополнителна сума, Србија ќе ја знае по процената на штетата. Девенпорт на крајот нагласи дека Србија ќе ги има истите права за користење на средствата од Фондот за солидарност, како и земјите-членки на ЕУ.