Србија најави жалба до Интерпол поради укинувањето на потерницата по Харадинај

Министерствата за правда и за внатрешни работи на Србија, најавија во саботата жалба пред Интерпол по вестите дека оваа меѓународна полициска организација ја укинала потерницата против актуелниот косовски премиер Рамуш Харадинај, распишана по налог на Одделот за воени злосторства на Вишиот суд во Белград кој го товари за убиства и мачења на српско и неалбанско цивилно население во текот на војната на Косово во 1998/1999 година.

Во министерството за правда на Србија сметаат дека Интерпол не може да укине потерница со којашто официјален Белград го бара Рамуш Харадинај поради воени злосторства, туку дека може само да ја направи невидлива за членките на оваа организација.

„Потерницата и натаму е на сила“, ја пренесува агенцијата Танјуг изјавата на неименуван извод од српското министерство за правда, додека функционер за агенцијата Бета рекол дека министерството „не добило известување од Интерпол за укинување на потерницата“ по косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Во министерството за правда тврдат дека „Интерпол не може да укине потерница која ја распишала некоја држава членка“, па така ниту во случајот на Харадинај, туку тоа може да го стори само оној кој ја распишал.

Истовремено министерството за внатрешни работи на Србија најави во саботата дека со министерството за правда и обвинителството за воени злосторства ќе вложи жалба на одлуката на Интерпол за укинувањето на потерницата по Рамуш Харадинај, и по уште 17 лица од Косово, коишто поради воени злосторства ги распиша српското правосудство.

Приштинските и белградските медиуми претходно објавија дека името на косовскиот премиер Рамуш Харадинај повеќе не се наоѓа на листата од 18 лица од Косово коишто Србија ги бара поради воени злосторства.

Косовскиот министер за правда Абелард Тахири изјави за приштинските медиуми дека Интерпол ја укинал потерницата против Харадинај и уште 17 лица кои на меѓународната полиција ѝ ги доставила Србија. Харадинај претходно во саботата изјави дека „не е официјално информиран“ за бришењето на потерницата.

Претставниците на Српската листа, којашто е поддржана од официјален Белград, ја поддржаа владата на Рамуш Харадинај и поради таа одлука добија поддршка од српскиот претседател Александар Вучиќ кој кон средината на септември рече дека таа одлука не го менува официјалниот став на Белград кој Харадинај и натаму го смета за обвинет воен злосторник.

„Никакви други можности реално немаше… А Хардинај за нас и натаму е обвинет возен злосторник и ние ќе бараме негово приведување пред лицето на правдата до крај“, реше тогаш Вучиќ.