Србија нема да применува контра мерки против Хрватска до утре на полноќ

Aко во наредните 30 часа не биде постигнат договор со Хрватска, српската Влада има подготвено пакет мерки за сопствена заштита и заштита на економските интереси, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.

По седницата на српската Влада и Бирото за координација на работата на службите за безбедност Вучиќ изјави дека владата го ополномоштила да разговара со раководството на Хрватска и тој ќе се погрижи да биде постигнат договор, но ако тоа не се случи, има подготвено пакет мерки, што ќе почне да се применува од 24 септември.

Премиерот истакна дека предвидените мерки се на три нивоа, и се од политички, економски и од правен карактер.

– Се надеваме дека не треба да применуваме ниту една, рече Вучиќ.

Над 30.000 имигранти, од кои многу сириски бегалци, влегоа во Хрватска од Србија откако минатата седмица Унгарија го попречи со метална ограда нивниот пат кон ЕУ преку српско-унгарската граница.

Хрватска соопшти дека не може да се справи со нивниот огромен број. Таа веќе ги затвори сите гранични пунктови со Србија со исклучок на еден, а вчера утро запре и преминувањето на камиони по магистралата меѓу Белград и Загреб, една од главните артерии на Србија во западна насока.

Српскиот премиер предупреди дека ако Хрватска не ја крене блокадата, Србија ќе биде принудена да се заштити по правен пат поради нарушување на редица билатерални и меѓународни односи.