Србија оди во Русија, Хрватска во баражот

Фудбалските репрезентации на Србија и Исланд во понеделникот вечерта изборија директен пласман на светското првенство кое в година од 15-ти јуни до 15-ти јули ќе се игра во Русија, додека селекцијата на Хрватска по минатонеделниот кикс дома против Финска и покрај победата во Киев ќе игра дополнителни квалификации.

Србија во мечот од последното коло во Групата Д мораше да победи против Грузија, откако претходно во петокот беше совлада од Австрија во Виена со 2:3, без разлика на исходот од мечот меѓу Велс и Ирска. Грузија се држеше до 74 минута кога Александар Пријовиќ погоди за директен пласман во Русија.

Србија така го избори првото голема натпреварување откако ги пропуштија Светското првенство во Бразил во 2014 година, како и трите последни Европски првенства.

Во Кардиф Велс и Ирска во меѓусебниот меч одлучуваа за второто место и пласман во баражот. Ирците во натпреварот кој се играше 98 минути славеа со 1:0, со голот на Џејмс МекКлин постигнат во 57 минута.

Во натпреварот без важност на табелата Австрија на гостувањето ја совлада Молдавија со 1:0. Стрелец беше Шауб во 69 минута.

Србија го освои првото место во групата со 21 бод, Ирска е втора со 19, Велс има 17, Австрија 1, Грузија 5 а Молдавија освои 2 бода.

Во Групата И Хрватска во директниот дуел за второто место и пласман во дополнителните квалификации со 2:0 во Киев ја совлада Украина. Откако во првото полувреме доминираа домашните, во вториот дел шансата на „коцкестите“ сепак да се најдат на мундијалот им ја донесе Андреј Крамариќ кој беше двоен стрелец, во 62 и 70 минута.

И пред ова коло се сметаше дека Исланд е сигурен патник за Русија, имајќи предвид дека имаше два бода предност а го пречека последнопласираното Косово. Тоа го потврдија Сигурдсон во 40 и Гудмундсон во 68 минута.

Турција, којашто е едно од најголемите разочарување во овој квалификациски циклус, иако двапати водеше на гости кај Финска, сепак не успеа да го поправи впечатокот играјќи без победник 2:2. Турција поведува преку Тосун во 57 и во 83 минута, но Арајури во 76 и Пхјанпало во 88 минута им донесоа реми на Финците.

Во оваа група Исланд заврши на чело на табелата со 22 бодови, Хрватска стаса до 20, Украина има 17, Турција 16, Финска 9 а Косово првите квалификации ги заврши со 1 бод.

Во Групата Г однапред беше познат патникот за Русија. Шпанија во Ерусалим го потврди тоа против Израел со единствениот гол што го постигна Иљараменди во 76 минута. Италија, пак, ќе оди во баражот, а во Скадар славеше над Албанија со голот што во 73 минута го постигна Кандрева.

Македонија во Струмица го победи Лихтенштајн со 4:0.

На крајот Шпанија го освои првото место со 28 бодови, Италија е втора со 23 бодови, Албанија има 13, Израел 12, а Македонија која несреќно загуби неколку бодови во финишите од мечевите освои 11 бодови, додека Лихтенштајн остана без бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.