Србија по примерот на Македонија составува регистар на „лоши директори“

Србија на есен треба да добие регистар на сопственици и раководители кои лошо ги воделе своите фирми и ги довеле до пропаст, објавува РТС. Поради ова на овие лица ќе им биде забрането основање на нови фирми. Забраната е привремена и ќе трае се додека сопствениците не ги подмират своите обврски или додека да не се донесе судска пресуда.

Ставењето на катанец на фирмите на ист сопственик по одреден временски период треба да се спречи со новиот регистар. Во регистарот ќе има податоци за директорите, основачите, членовите на управниот одбор, податоци за судски забрани, прекршоци, кривични дела и блокирање на сметки за времето кога одредено лица ја водело фирмата.

Регистарот нема да биде целосно јавен поради чувствителните лични податоци за кои е ограничен пристап.

За примена на овој систем, Србите се послужија со македонскиот пример на регистар, кој кај нас постои веќе три години и во него се попишани повеќе од 30 илјади сопственици и раководители. Во Србија на 25 илјади фирми им се блокирани сметките повеќе од три месеци.

Регистрите на оние кои не работеле по прописите не се пракса само во овој регион. И во Британија постои модел наречен „црна листа“, а додека пак во Франција постои бонитет на директорите каде тие се оценувани за сработеното.