Србија се договори со Гаспром, ќе го гради „Јужен тек“

„Јужен тек Србија“ и  рускиот „Центар гас“  потпишаа договор за изградба на делницата од магистралниот гасовод Јужен тек низ Србија, вреден околу 2,1 милијарди евра, пренесоа српските медиуми.

Директорите на „Јужен тек Србија“ и генералниот директор на рускиот „Центар гас“ вчера потпишаа договор. Тие порачале дека ова е историски ден за српската енергетика и дека првиот гас ќе протече до крајот на 2016 година.

Првиот човек на „Јужен тек Србија“ после церемонијата на потпишување на договорот се заблагодарил на претседателот на руската федерација Владимир Путин и на премиерот на Србија Александар Вучиќ, кои како што рекол, помогнале да се решат некои отворени прашања и овозможиле потпишување на тој договор.

Тој најавил дека наскоро ќе биде потпишан договор за кредит српската делница на „Јужен тек“ и порачал дека се обезбедени финансиски средства и дека компанијата „Јужен тек Србија“ тој кредит од околу 700.000 милиони евра ќе го добие од „Гаспром“. Директорот исто така оценил дека станува збор за најповолни финансиски услови за кредит кој ќе биде одобрен по каматна стапка од 4,25 отсто годишно и на „рочност која ќе ни биде потребна“, рекол тој.

„Тоа значи дека целиот финансиски ризик за делницата Јужен тек низ Србија ќе го сноси Гаспром“, објаснил директорот на српската компанија „Јужен тек Србија“.

Делницата на овој гасовод е долга 422 километри и полниот капацитет кога ќе се заврши изградбата ќе биде околу 41 милијарди метри кубни гас годишно.